Forces of Ether беше игра за која првично мислевме дека нема да ни се допадне. По неколку часовно дружење со неа, мило ни е што решивме да и посветиме повеќе внимание затоа што она што се крие во неа се прекрасно и внимателно осмислени светови полни со најразлични забавни активности.

Ни на небо, ни на земја
Во Forces of Ether започнувате скромно, со збунувачки објаснувања за вашето место во универзумот и со незнаење како правилно да се ориентирате. Реинкарнирани пред едно светилиште, на кратко ќе поразговарате со духот кој ве пречекува, а потоа, наоружани со ефикасно оружје, ќе ја започнете потрагата на вашиот вселенски брод.
Тие неколку почетни моменти со играта се најболни. Застарената графика, едноставните борбени елементи и трапавото движење прави одлична работа да мислите дека ова е игра која не го заслужува вашето внимание. Но, како играте понатаму, така откривате забавна и комплексна длабочина.
Со убивањето на непријателите, вашиот лик ја собира и мистериозната енергија наречена Ether, истата енергија која го има реинкарнирано. Откако ќе собере доволно, ликот ќе може да отклучи корисни способности, како можност за избегнување напади, креирање клонови кои ќе се бори за вас, црпење здравје од непријатели и уште неколку пријатни изненадувања за кои би зборувале по скриншот скокот.

Штом ја најдете рампата за слетување, ќе можете да го повикате вашиот вселенски брод и да започнете со летање. Во овој момент, играта зазема целосно нова димензија, дозволувајќи ви да го истражувате универзумот и да се спротивставувате со непријателите на целосно нови начини. Иако нема да можете веднаш да ја напуштите планетата, лесно ќе можете да се искачувате неколку степени во атмосферата. Во моментот кога видовме како е ова изведено, знаевме дека се работи за исклучително добра игра која крие ветување за впечатлива забава.

Набргу ќе дознаете и дека можете да работите за бројните фракции низ галаксијата и да градите респектабилна репутација и влијание. Имено, што подобра репутација тоа пониски цени во нивните продавници. На сличен начин, ако имате големо влијание врз фракцијата ќе можете да ги надградувате нивните трговци и да ја проширувате нивната територија. Forces of Ether е игра која храбро експериментира и во други аспекти. Во кое било време можете да имате две оружја. Ако пукате со едното, другото се полни со повисока ефикасност. Штом го смените оружјето, првите неколку куршуми ќе се пукаат значително побрзо. На овој начин, самите битки добиваат подлабока димензија. Паралелно со ова, планетите, иако едноставни во поглед на дизајнот, се одликуваат со најразлични непријатели, фракции и ковчези полни со корисни оружја и опрема.




Помага добро напишаната приказна, но, во поглед на дизајнот на мапите, често се користат едни исти ресурси, оставајќи монотон и неинспиративен впечаток. Навистина би сакале авторите зад играва да имале повеќе финансии. Повеќе од очигледно е дека се креативни и дека вложиле многу труд и знаење во изработката на играта. Но, не можеме, а да не се прашуваме колку подобра би била играва со повеќе вложени ресурси. И покрај ова, Forces of Ether успеја пријатно да не изненади и да ни понуди бројни часови забава. Се надеваме дека исто би било и со вас, под услов да решите да и пружите шанса.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Kaloyan Kaludov
- Издава: Kaloyan Kaludov
- Жанр: акција RPG
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 8 ноември 2024







