Друштвената мрежа Flickr ја претстави својата прва Android апликација, како и нова опција Photo Session која ќе им овозможи на корисниците да разгледуваат албуми истовремено со своите пријатели и најблиски од различни локации. Yahoo со овој потег се обидува да зграби дел од пазарот кој се отвара благодарение на паметните телефони и таблет компјутерите.
Flickr за Android е првата официјална апликација креирана од Yahoo, иако до сега девелопери имаат развивано Flickr апликации за Android и iOS. Официјалната верзија за iOS постои веќе две години. Со новата Android апликација корисниците ќе имаат пристап до сите нивни фотографии, албуми и контакти. Корисниците можат да ги следат активностите на своите пријатели, како што е закачување нови фотографии. Апликацијата има исто така и опција слична на Instagram, овозможувајќи им на корисниците да подесуваат различни филтри на фотографиите.
Апликацијата има сопствен визир кој им овозможува на корисниците да одберат размер на фотографиите, како и да ги именуваат и да ставаат метадата. Апликацијата исто така автоматски додава геолокациски податоци. Секоја фотографија направена со апликацијата автоматски се закачува на Flickr, и со едно штиклирање веднаш може да се сподели на друштвените мрежи Facebook, Twitter, и Tumblr.
Покрај новата апликација за Android, Flickr се збогати и со нова опција наречена Photo Session. Оваа опција им овозможува на корисниците во исто време да разгледуваат фотографии и албуми со своите пријатели и најблиски кои се наоѓаат на различни локации. Оваа опција функционира така што се креира еден уникатен URL кој корисникот може да го сподели со максимум десет лица. Корисникот кој го има креирано уникатниот URL го контролира разгледувањето на фотографиите. Интересно е тоа што опцијата исто така има и вграден чет, овозможувајќи комуникација помеѓу оние кои ги разгледуваат фотографиите. Опцијата Photo Session функционира на PC, iPhone и iPad. Новата апликација за Android сè уште не ја подржува оваа опција.







