Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.
ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.
Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?
Свифт Дата е компанија основана во 2018 година од страна на Александар Момироски и Дамјан Постоловски. Основањето на компанијата – стартапот е плод на успешната идеја која произлезе со учеството на хакатонот НАСА СПЕЈС АППС 2017. Идејата пред да се основа компанијата сеуште беше во своите зачетоцои односно 90% од работите кои сега се имплементирани се случија токму во овие две години по званичното основање на компанијата. Идејата за која се зборува погоре го носи името Солар Дата Колектор односно уред кој го мери сончевиот потенцијал на одредена локација и врз база на податоците прибрани од локацијата може да се изготви физибилти студија со над 98% сигурност. Компанијата Свифт Дата има и други секундарни проекти од кои поголемиот дел се софтверски проекти за наши и надворешни клиенти. Но тука би се фокусирале за Солар Дата Колектор бидејќи тоа е проектот за кој имаме добиено ко-финансиран грант од ФИТР.
Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?
Солар Дата Колектор е систем за проценка на потенцијал, мониторинг и оптимизација на фотоволтаични централи. Иновацијата има потенцијал да ја промени индустријата на фотоволтаици и да го намали ризикот при инвестиција во овој тип на обновливи извори. Првичната идеа за Солар Дата Колектор беше само уред кој се поставува на локација на која е во план инвестирање во фотоволтаични панели. Развивајќи го решението, односно уредот и софтверот ги унапредивме истите да може да се користат и за мониторинг и оптимизација на веќе постоечки фотоволтаични централи. Работејќи на идејата и испитувајќи ја соларната индустријата увидовме дека токму тоа што ние го правиме недостига на глобалниот светски пазар. Во суштина СДЦ си остана уред кој се поставува на локација и прибира податоци но со многу попрецизни сензори во споредба со првите прототип верзии. Хардверската и софтверската комнонента на системот и се развивани од нашиот тим, а во моментот се работи на усовршување на интерфејсот за мониторинг на фотоволтаични централи на кој работи нашиот тим од програмери. Исто така се работи и на усовршување на одредени сегменти од процесот, за да може првични фибилити студии да се вршат и без употреба на уредот.
Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?
Проектот СДЦ е пред самиот крај. Се доработуваат финални верзии на хардверската компонента и софтверот, се тестираат прототипи во реални услови со цел усовршување. Роковите кои се зацртани за пласман на таргет пазарите се 15.01.2020 на македонскиот пазар, 01.04.2020 за балканскиот пазар и втората половина од 2020 се планира да се пласира во некои држави од Европа.
Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?
Финансиите односно ко-финансираниот грант од ФИТР ни помагаат во делот за Истражување и развој на идејата. Со помош на кофинансираниот грант работиме на финализирање на уредот и носење на софтверот на едно повисоко ниво со кое без никаков проблем ќе настапиме најпрвин на Европскиот пазар па и пошироко. Финансиите кои ги добивме од ФИТР исто така ни помогнаа доволно да можеме да оформиме еден исклучително солиден тим на програмери и инжинери кои беспрекорно истражуваат нови знаења и истите ги имплементираат во СДЦ.
Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?
Македонскиот пазар за производ како што е Солар Дата Колектор, е мал, но е одлична можност да се презентира изводливоста на решението. Македонскиот пазар е секако појдовен за пласман на производот и негово тестирање, а дополнително истиот ќе биде претставен и на други пазари како што се Европскиот и пазарот во Регионот. Во моментот се работоти за креирање на конекции и можни партнерства со Европски компании кои би биле дистрибутери на СДЦ на тие пазари.
Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)
Во изминатите две години тимот на Свифт Дата своето решение го претстави на повеќе реномирани конференции и настани во регинов и пошироко. Чести гости сме на конференциите на Балканот каде сме добро претпознатливи што нудиме односно луѓето веќе ја препознаваат нашата идеја. Во предходниот период имавме доста средби кои ги остваривме во Соединетите Американски Држави каде не само што го преставувавме производот туку и многу нови работи научивме и ги имплементиравме во истиот. Пред неполна година имавме излагање на најголемиот технолошки саем во САД. SpaceCom во Хјустон Тексас каде што бевме единствена македонска компанија а воедно и единствен европски стартап кој е присутен на саемот како изложувач на своите услуги и производи. Да се биде единствена компанија од Европа итекако звучи горделиво. При посетата на САД исто така остваривме контакт со клучни луѓе од соларната индустрија и вселенската индустрија. Можеби звучи недостижно но некои од тие луѓе имаа идеи па дури и размислуваа како да се прилагоди решението за проценка на соларниот потенцијал на Марс.