Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.
ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.
Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти и сл… Или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?
Кјупик како идеја за прв пат е прототипирана во 2017 како мобилна апликација за лоцирање на локални промоции од страна на тројца партнери со претходно искуство во технологија, дизајн и трговија. Истиот тој прототип доби награда од Охридска Банка Сосиете Женерал за најиновативна бизнис идеја под повикот „Чиста 10ка“ во 2017 по што следуваше лансирање на бета верзија во 2018.
Во 2018 Кјупик беше селектиран за учество во акселераторската програма на Стартап Вајс Гајс во Вилниус, Литванија каде што за прв пат беше лансирана целосна верзија на апликацијата.
Во 2019 година Кјупик беше еден од топ 10 стартапи на Startup Fair Change Lithuania, каде се натпреваруваше со повеќе од 300 стартапи од Балтичкиот регион и пошироко.
Кјупик е основана од Зоран Настески, Дамјан Димитриоски и Дарко Маџоски, но денес во истата компанија партнери се и Климе Мицковски, Корбин Норман и Стартап Вајс Гајс, еден од најголемите акселератори во Европа со повеќе од 170 стартапи во нивното портфолио. Компанијата брои 5 вработени на полно работно време и 5 надворешни консултанти.
Денес Кјупик има канцеларии во Скопје и Вилниус, со активни промоции во Македонија, Косово, Грција, Литванија, Латвија и Естонија, а од наредна година во план е нашиот софтвер да биде присутен во целиот ЦИЕ регион и пошироко.
Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?
Кјупик e софтвер кој на трговците со физички локации им овозможува да дистрибуираат визуелни реклами преку повеќе дигитални канали вклучувајќи ја и нашата мобилна апликација, па од тука проектот за кој што Кјупик доби финансирање од ФИТР е фокусиран на развој на систем со вештачка интелигенција кој има за цел да комбинира и анализира податоци од повеќе дигитални платформи, вклучувајќи го и Facebook, каде што најголемиот дел од трговците со физички продавници го трошат својот буџет за дигитално рекламирање.
Базирано на податоците собрани од сите канали, системот со ВИ има за задача да го предвиди и оптимизира трошењето на буџетот на трговците по канал, односно да им овозможи за буџетот што го трошат да добијат повеќе маркетинг и потрошувачи на нивните локации. Со ова, нашиот систем овозможува поврзување на трговци и потрошувачи, врз база на локација и преференци без притоа да биде нарушена приватноста на корисниците.
Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?
Продуктот е веќе достапен за јавноста скоро 1 година. Во MVP фаза бевме неколку месеци по наградата добиена од Охридска Банка за најиновативна бизнис идеја. Кјупик веќе има 10.000 корисници и повеќе од 1000 трговци, брендови што активно ја користат.
Мобилната апликација може да ја преземете од Google Play. Ако сте трговец со физичка продавница, може да се регистрирате на: https://qpick.mk/
Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?
Финансиите добиени од страна на ФИТР се за една цел, односно за истражување и развој на ВИ системот, а до крајот на проектот ќе добиеме комплетно решение што ќе не направи многу поконкурентни на светскиот пазар, по што ќе очекуваме и поголем интернационален успех.
Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)
Со брзиот раст и прифаќање на друштвените мрежи и платформи, она за што голем број од корисниците не се свесни е дека даваат согласност нивните лични податоци да бидат искористени без да бидат свесни за тоа. Секојдневно прегледуваат голем број на рекламна содржина што не е во нивни интерес, а со тоа им се манипулира одлуката за купување.
Она што Кјупик го решава како проблем е точно оваа појава, односно КЈУПИК има за цел да го заштити потрошувачот од наметливите реклами и да им овозможи на потрошувачките да носат свесни одлуки за купување, а притоа и да им се овозможи на трговците квалитетно да го искористат својот буџет во насока на привлекување на валидни потрошувачи.
Со Кјупик трговците нема залудно да трошат пари на реклами што не работат, а на потрошувачите им ја овзможува совршената алатка за лоцирање на промоции, попусти и чување на лојални картички.
Со Кјупик нема повеќе принтани флаери, нема повеќе пластика, нема повеќе непосакувани реклами.
2