0 коментари 7 мин. читање 23 јули, 2020

#ФИТРгрантови: ИТТехСистеми – Автоматски микроконтролни системи за управување со процеси во индустријата

Овој текст е дел од серијалот „ФИТР грантови“ во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Компанијата ИТТехСистеми е основана од ИТ инженерот и истражувач во областа на информатичките технологии Зоран Крстевски во Скопје и оваа компанија делува во областа на ИТ индустријата во неколку сегменти. Компанијата е во целосна сопственост на основачот и не е содружник со други правни субјекти. Примарна дејност е истражување и креирање на софистицирани ИТ системи за управување на автоматски процеси во различни индустрии, Интернет на нештата-IoT, роботика, веб-апликации, визуелизација-дизајн и сл.

Фокус на работењето е поставен на иновативно разрешување на проблеми преку примена на софистицирана ИТ технологија. Веќе се креирани различни типови софтверски и електронски решенија но активностите се продлабочуваат со примена на најмодерна технологија со што сме во чекор со светските трендови.

Во ИТТехСистеми работат инженери со големо искуство во различни ИТ области што ни овозможува имплементација на експертиза на највисоко ниво и креирање на иновативни системски склопови кои ќе донесат поголема вредност на компаниите.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Проектот со кој учествувавме на повикот Стартапувај 2 на ФИТР е со наслов “Автоматски микроконтролни системи за управување со процеси во индустријата”. Овој проект претставува примена на софистицирани софтверски, микроконтролни, серверски и електронски модули кои ќе овозможат автоматизирање на различни процеси како во индустријата така и во другите делови на секојдневното живеење.

Ова подразбира примена на микроконтролери, сензорски мрежи и апликативен софтвер кој ќе мери различни величини, ќе ги обработува податоците и ќе може да контролира различни подпроцеси. Овие системи се наменети за контрола на истекување на опасни гасови, хемикалии и течности, потоа за мерење и контрола на процеси при обработка на материјали, заштита на здравјето на работниците во работни услови, заштита на луѓето и животната околина и сл.

Во процес на тестирање се модели на вештачка интелегенција (во областа на machine learning) кои ќе ги обработуваат сензорските податоци и ќе помогнат во носење на предиктивни одлуки за одржување на машинските паркови, за подобрување на ефикасноста во работењето, за намалување на цената на производството и друго.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Модулите се во фаза на развој, направени се прототип модели, но се продолжува со истражување и тестирање на различни технологии, различни микроконтролери и платформи, различни типови на сензори и софтверски решенија.

MVP се предвидува да биде достапен во првата половина на 2021 год. или по март месец… Бидејќи овие системи имаат голема примена во различни области како кај индустриските капацитети така и во секојдневното функционирање (канцеларии, домови, медицина, сообраќај, земјоделство и др.), ќе започнеме со примена чекор по чекор, модул по модул.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Одобрените средства од ФИТР се од помош пред се во делот на набавка на опрема и истражување што ќе овозможи креирање на високо технолошки системи со голема ефикасност и прецизност во нивната примена. Исто така, помошта е добредојдена и во развојот на софтвер во неколку сегменти, како за оној кој се применува за микоконтролерите па така и за оној применлив за корисниците.

Ваквите фондови се од големо значење бидејќи овозможуваат дополнителен раст на малите компании и даваат дополнителна вредност на самите продукти преку подобрување на нивниот квалитет. Без ваквата помош би било премногу тешко па понекогаш и невозможно да се продлабочат истражувањата и да се подобри квалитетот на производите.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Продуктите кои ги развива нашата компанија ќе бидат прелиминарно понудени на домашниот пазар, но главната цел е присуство на Европскиот пазар каде потребата од високотехнолошки решенија е полесно прифатлива и речиси неизбежна. Системите кои ги развиваме се наменети за Индустриската револуција 4 – термин кој се употребува за унапредување на автоматизација на производството преку примена на интерфејси и електроника за комуникација Машина-Машина или пак за примена на интернет на нештата – Internet of things, што ќе овоможи унапредување на процесите за следење на перформансите на машините, анализа и дијагностика на дефектите, минимизирање на грешките предизвикани од човечки фактор, управувавње на далечина.

Нешто дополнително што би сакале да додадете?

Иако во неколку реченици е тешко да се долови и објасни идеата особено примената на низа вакви технологии, важно е да напоменеме дека овие системи побаруваат многу време за тестирање и унапредување на нивните функционалности. Сепак иновативниот пристап е неопходен во унапредување и подобрување на тековите на кои досега функционираат одредени сегменти во општеството со единствена цел, креирање на развиено општество кое ќе биде подобро за сите.

Avatar photo
Напишано од

IT.mk редакција

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top