Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.
ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.
Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?
ИТГМА ДОО е македонска компанија за развој на софтверски решенија и ИТ услуги, основана во 2009 година со домашен капитал и со седиште во Скопје. ИТГМА нуди софтверски решенија на македонскиот и глобалниот пазар во областа на Телекомуникации, Банкарство, Финансии, софтверски и ИТ услуги, како и решенија за јавниот сектор. Компанијата вработува над 90 софтверски инженери. Поголемиот дел од клиентите на ИТГМА се од Велика Британија, Шведска, Австрија, САД, Канада, Балтичкиот регион и Балканот. ИТГМА е Microsoft Certified GOLD партнер, Red Hat ISV Partner, JBoss ISV Partner и AWS Consulting Partner. Работните процеси во компанијата се усогласени согласно водечките стандарди за квалитет, потврдено со ISO сертификатите: ISO 9001:2008, ISO/IEC 20000-1:2011, ISO/IEC 27001:2005, ISO 14001:2004. Исто така, ИТГМА има соработка со техничките факултети од Земјава со што го помага развојот на млади инженери спрема глобалните трендови и движења во софтверската и ИТ индустријата.
Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?
Целта на проектот е да се направи функционална верзија од веќе постоечкиот проторип наречен ResourceFlex (www.resourceflex.com). Главниот продажен потенцијал доаѓа од SaaS верзијата, каде продуктот ќе се нуди на глобалниот пазар.
Инаку, ResourceFlex е иновативен софтверски продукт дизајниран да се користи за паметно планирање и користење на човечки ресурси со минимални загуби на време и оптимална автоматизирана алокација по проекти и клиенти. Идеален е и применлив во било која индустрија каде човечкиот капитал е клучен за ефикасен продукциски или сервисен процес. Интелегентниот engine за разрешување на конфликти во алокацијата, го прават ResourceFlex современа и лесна алатка во секојдневната алокација на ресурси посебно на динамични проекти и кратки и расцепкани ангажмани. Неговата повеќејазична подршка и лесен кориснички интерфејс овозможуваат да се користи и од лица вон ИТ областа во било кое место од светот. Исто така, ResourceFlex во рамките на овој развој добива и интеграциски layer кој ќе овозможи уште поширока употреба како интегрирана алатка во еко-системите на поголемите компании.
Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?
Моментално, MVP е во фаза на финално тестирање и се очекува истиот да е достапен за јавност до крај на годинава.
Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?
ИТГМА има инвестирано значителни сретства во иницијалната (прототип) верзија на производот. Но, буџетот за развој беше лимитиран заради зголемените трошоци за добри експерти, како и потребата истите да бидат ангажирани на комерцијални проекти за да се обезбеди финансии за секојдневно работење. Надворешни сретства беа потребни за да се алоцира постојан тим кој ќе го доведе производот во комерцијална верзија и ќе го позиционира регионално и глобално како врвен производ, во краток временски рок. Проектот финансиран од ФИТР се одвиваше во неколку паралелни текови:
- Развоен тек (најголем дел од средствата) – фокусирајќи се на софтверската надградба на продуктот
- Правен и безбедност на податоци тек – фокусирајќи се на задоволување на барањата на разни легислативи во Европа и глобално
- Маркетинг и планирање на продажба – фокусирајќи се на маркетинг стратегии, изготвување на планови за продажба и промоција на продуктот
Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?
Производот е наменет како за домашниот, така и за глобалниот пазар. Се нуди и како SaaS (software as a service) и On-premise за поголеми клиенти. Продуктот не е ограничен по индустрија и ќе најде примена во секоја компанија каде алокацијата на ресурси е динамична, посебно доколку ресурсите се лоцирани на различни географски локации и во различни ентитети.
Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)
Мислиме дека самото создавање на ФИТР се создаде и можност многу домашни компании да почнат со реализација на своите иновативни идеи и добијат шанса да истите, како производи пробаат да ги пласираат на глобалниот пазар. Иако делот за развој чини значителна сума на пари, сепак Фондот треба да има механизам да создаде и финасира и наредна фаза за да помогне и во комерцијализација добиените иновативни производи.