Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.
ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.
Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?
Друштво за едукација и консалтинг ЕДУФРОНТ е новоформирана компанија во образовниот сектор, основана во 2018 како резултат на потребата од напредни образовни институции и активности во Република Северна Македонија. Главни активности на компанијата се поддршка на образовните процеси, подготовка и управување со образовни проекти и консултантски услуги. ЕДУФРОНТ е основана и раководена од Гордана Мишевска, дипломиран математичар и професионален едукатор со повеќегодишно широко познавање на образовните процеси во основните и средните училишта.
Во моментов ЕДУФРОНТ функционира како едукативен центар за компјутерска технологија посветен на поттикнување на способностите за решавање на проблеми и иновативниот дух на децата. Наставата ја водат врвни едукатори кои знаењето до учениците го пренесуваат преку напредни методологии на забавен начин. Нашите програми ги учат децата од основно образование за компјутерско размислување и фундаменталните концепти кои ја користат технологијата, програмирањето и информациите во дигиталната ера.
Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?
Нашиот проект поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој е со назив „Компјутерско образование за деца базирано на иновативната наставна програма на Харвард“. Целта на овој проект е напредно ИКТ образование за деца базирано на иновативната наставна програма на Харвард – Creative Computing Curriculum со вклучено следење на напредокот на децата од страна на родителите преку Learning Managment system (LMS) – систем за управување на учењето. Проектот се состои од три насоки: 1) развој на иновативна методологија за спроведување на ИКТ образование за деца од 6 до 12 години, врз основа на наставната програма на Харвард 2) развој на систем за управување со учењето (LMS) – софтверска апликација за администрација, документација, следење, известување и испорака на образовни курсеви или програми за учење и развој и 3) ново воспоставена трговска марка EDUFRONT на курсевите со потенцијал за франшиза.
Нашите наставни програми опфаќаат алгоритамско размислување, програмирање, системско размислување и дизајн. Технолошката писменост им помага на децата да ја разберат технологијата присутна во светот околу нив, со цел да донесуваат свесни одлуки. Иновативните процеси им помагаат на децата да го трансформираат она што го учат во сопствените пронајдоци. За време на нашите програми, децата стануваат поблиски со прототипови, дизајнирање, тестирање и итерација, како и сите важни аспекти на процесот на иновации.
Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?
Имплементацијата на проектот започна на 1 Јуни годинава и во моментов сме во фаза на пилотирање и тестирање на два курсеви за креативно компјутерско образование за деца: „ПрограмиИграм Мини“ за деца од 6 до 8 години и „ПрограмИграм“ за деца од 8 до 12 години. Развиени се трговски марки: „Едуфронт“ и „ПрограмИграм“, и двете се во постапка на регистрација како заштитени ТМ. Исто така до крајот на оваа година ќе имаме развиен и функционален LMS систем. Во моментов имаме развиено MVP (minimum viable product) и тој е во фаза на тестирање, при што програмата се адаптира соодветно. Врз основа на ова тестирање утврдени се насоките на дополнителен развој на самиот производ, како и воведување на комплементарни програми во делот на роботиката, дигиталната уметност, СТЕМ и креативноста. Врз основа на направените истражувања, покрај дооформување на постоечките две услуги, планираме комлементарно да воведеме уште најмалку две.
Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?
Средствата добиени од Фондот за иновации и технолошки развој ќе се користат за развој на бизнис стратегија за раст и маркетинг истражување на пазарот со цел формирање на маркетинг стратегија. Со овие средства се обезбеди техничка опрема со цел да се тестира процесот и методологијата на курсевите. Исто така со средства од Фондот се овозможи дизајн на трговска марка и услуги за интелектуална сопственост – регистрација на трговската марка, како и развој на систем за управување со учењето (Learning Management system) кој ќе обезбеди следење на напредокот на децата од страна на родителите. Покрај финансиите, Фондот за иновации и технолошки развој овозможува и услуги од аспект на менторство и предавања кои допринесуваат за дополнителен развој на бизнисот. Во целост, финансиите и нефинансиската помош, ни помогнаа многу порано да започнеме со лансирање на услугите, споредено со ако тоа би го правеле без поддршка.
Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?
Нашите услуги, односно курсевите за креативно компјутерско образование за деца, ги развиваме за домашен пазар, во почетокот на ниво на Скопје со можност за проширување и во останатите градови од Македонија. Планот е да се насочиме кон националниот пазар во првите неколку години, а по успешното позиционирање брендот да се прелее на регионалниот пазар (Албанија, Косово, Србија, Бугарија).
Наша примарна целна група се семејства со деца од 6 до 12 години, кои сакаат да вложат во подобро информатичко образование на своите деца и развивање на програмерска писменост од најраните училишни години. Во моментот мнозинството од целната група живее во Скопје, па затоа првиот пристап ќе се фокусира на Скопје. Дополнително работиме на развој на модели за развој на пазарот надвор од Скопје во градовите каде има интерес за овој тип на образование.