Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија од 79-те добитници на последниот повик за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.
ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигаат.

Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?
СКАМПЕР е едукативно-истражувачка организација основана во 2017 година, со една благородна идеја да ги воведеме најсовремените методи и наставни помагала во предучилишното образование во македонскиот образовен систем. Нашата мисија е да ги растеме, развиваме и воспитуваме дечиња од предучилишна возраст, а и она што е најважно – да ги подготвиме за предизвиците кои ги носи иднината, со посебен фокус да се приспособат на предизвиците кои ги носи дигиталната ера – преку користење на иновативни едукативни програми чија ефективност е заснована на докази.
Нашата визија и цел е Скампер да стане влијателен едукативно-истражувачки центар, не само преку отворање на нови едукативни центри низ државата, туку и ширење на идејата и едукативните програми на регионално ниво..
Во моментот, Скампер преку својот едукативен центар спроведува едукативни програми за деца во претшколска возраст. Истовремено, Скампер спроведува и истражувачки активности преку кои се развиваат модуларни, курикуларни и вонкурикуларни програми кои се употребуваат во едукативниот центар. Како дел од својата програма, Скампер се труди да ги шири и гради основните вредности на организацијата како што се одржување на квалитетна комуникација, учење преку игра, иновативна програма која ги вклучува водечките трендови на образование, како и темелност и истрајност во работата со децата.
Мојата позадина е компјутерски науки и инженерство и со голема енергија, љубов и желба за споделување на вредности веќе три години работам во поле на едукација на деца од предучилишна возраст.
Искрено верувам, а истражувањата тврдат, дека капацитетот за учење и вредностите потребни подоцна во животот се создаваат токму во оваа возраст. Истовремено, со работно искуство во ИКТ повеќе од 5 години и свесно гледајќи во која насока се развиваат професиите, колку ИКТ станува незаменлив дел од нив, решив – она што веќе три години го имплементираат Англија и скандинавските земји во образованието – да започнам да го имплементирам кај нас. Тоа е воведување на пресметковно размислување во програмата – начин како децата да научат да решаваат проблеми и критички да размислуваат.
Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?
Преку истражувачки активности, во Скампер развиваме курикуларни и вонкурикуларни едукативни програми кои ќе можат да се користат во нашите едукативни центри, но и во редовните градинки. Дополнително, Скампер развива едукативни материјали кои лесно ќе може да се користат во домашни услови достапни за употреба во домашни услови.
Проектот поддржан од ФИТР е токму во таа насока – да се изработи програма низ која ќе може да се воведе пресметковното размислување со користење на играчката-робот наречена „Кубето“ во раниот детски развој (од 3 – 6години). По изготвувањето на програмата, таа ќе биде достапна за користење од страна на редовните и приватните градинки и едукативни центри, а секако и дома.
Пресметковното размислување е основа на кодирање и на сите популарни STEM методологии за кои слушаме секојдневно. Тоа е метод за решавање на проблеми. Започнува со дефинирање на што е она што е проблем/задача, продолжува со поделба на поситни делови и потпроблеми (декомпозиција).
Потоа со различни логички механизми – апстракција (предвидување), секвенцирање, оптимизација, преку метод на учење со обиди – дека не постои единствено правилно решение се стигнува до резултатот кој го задоволува проблемот.
За да сето ова биде интересно за децата сите овие концепти се вешто проткаени низ игра со едукативно роботче Кубето, кое тие го управуваат и му даваат задачи, со кои тие ја решаваат својата задача. Часовите со децата се секогаш насочени кон некоја тема – учат за диносауруси, шумски животни, за градот, животната средина, за планетите, за човековото тело, и за се она што ги интересира, ја буди и негува нивната љубопитност.
Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?
Спроведувањето на проектот опфаќа неколку фази:
- Развој на курикулум за пресметково размислување со Кубето (КПР), заедно со систем за евалуација на детскиот развој
- Анализа на курикулумот и евалуациониот план за предложената работна методологија
- Пилотирање на КПР во две градинки како дополнителна активност, надвор од формалната образовна програма
Успешно е завршен развојот на курикулумот – основната верзија прилагодена согласно програмата во државните градинки. Во соработка со проф. Огнен Спасовски, изработен е инструментариум за проценка на когнитивниот развој преку стандарни методи и игри кои се во линија со целиот свет. Овој развој ни овозможи да започнеме со третата фаза и во моментов работиме на тоа: пилотирање во градинките и ја развиваме методата и курикулумот.
Имаме одлична соработка со општина Карпош која одбра две градинки во општината каде ја започнавме оваа програма. Тоа се градинките„Орце Николов“ и „Мајски цвет“. Од дете до директор – со сите имаме прекрасна соработка и сите имаат многу ентузијазам за целиот проект. Децата се пресреќни кога ќе видат дека е време да си играат со роботчето, соработуваат, играат и се смеат. Тоа е нивната природна средина за работа и учење и мене ми е многу драго што создадовме платформа каде што нивниот развој, желба и потенцијал можеме да ги негуваме, стимулираме и развиваме.
Наш примарен фокус е ширењето на оваа благородна идеја во градинките, додека пак првите комерцијални производи од овој проект очекуваме да ги имаме до крајот на оваа година, а тоа ќе бидат игри и материјали за користење во домашни услови.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?
Средствата од Фондот ги користиме за соработка со различни профили кои го збогатуваат тимот тимот – искусни психолози и педагози од регионот. Дел од поддршката е за посета и претставување на нашата работа на конференции – сега се вративме од најголемата конференција за ИКТ во образованието – BETT 2020 која се оддржа во Лондон. Посетата на оваа конференција нѝ овозможува да ги следиме најсовремените пристапи во развојот на децата од предучилишта возраст, а тоа искуство го пренесуваме дома. Друг дел од средствата се наменети за тестирање на потенцијалот на пазарот – во кои аспекти се можеме оваа програма да ја вклопиме, која е цената која е најприменлива, колку е точно потенцијалот на пазарот во регионот. Проектот нѝ овозможи поддршка и во снабдувањето со опрема која е потребна за да спроведеме широк пилот во градинките – набавка на роботи за децата.
Генерално, овој проект и финансиската поддршка од Фондот нѝ помогна многу во развојот и реализацијата на нашите идеи да направиме еден подобар домашен, а светски предучилишен модел.
Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?
Примарна целна група е нашата земја. Сите сме запознаени со состојбата на регионот во поглед на рангирањето на образовните модели на ПИСА, а основите – предучилишното образование е клучно да изградиме здрави темели за развој и напредок на генералната популација. Ние, заедно со речиси сите балкански земји сме на опашката од листата, што значи дека обновување и адаптација на програмите мора да биде фокус во наредните години на образованието и државата генерално.
Бидејќи тоа е робусен и подолг процес, вонкурикуларните програми во форма на курсеви во последните години земаат поголем замав – така се создаде и идејата за основање на Скампер во прво време. Но, за жал со тоа само му даваме терапија на системот за прикривање на симптомите, не работиме на негова имунизација.
Двете работи треба паралелно да се одвиваат, затоа и фокусот на Скампер во моментов е да ги насочи своите капацитети и да работи на имунизацијата – односно адаптација на програмата која ја имаме во формат кој е дигестивен за државните градинки, како би можеле да стигнеме до поголем број на деца и да ја негуваме нивната креативност и љубопитност, критичко мислење, да се радуваат на проблемите и да ги гледаат како предизвици, да комуницираат соодветно – и сето тоа во нивната природна средина – преку игра.
Следно – регионот. А каде е идејата да стане достапен моделот во домовите? Книги, прирачници, роботчиња? – Тоа е важно Истиот систем ќе биде лесно да го реплицираме и во соседните држави, каде исто така недостигаат овој вид на програми, како што можеме да забележиме од нашите истражувања.
Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)
Децата се многу љубопитни и сакаат да го осознаваат светот. Важно е да им ја развиеме таа вредност со правилен пристап – натаму тие самите ќе се грижат за себе. Во овој динамичен свет кој технологија го менува секојдневно, каде информациите се достапни во секунда и образованието станува глобално, останува да биде многу важна основата. Истражувањата од полето на неврологија потврдуваат дека развојот на мозокот е најинтензивен во првите 6 години на животот и дека капацитетот со кој оперира еден човек најмногу се развива во тој период.
Токму затоа, ако се обидеме да најдеме средина на овие два факти, и да поставиме приоритет – приортетот е јасен, мораме да стремиме да децата од најрана возраст ги негуваме во насока на 4 домени кои се и основни вредности на Скампер:
- Комуникација – да зборуваат бидејќи така ќе имаат поразвиени јазични способности и емотивна интелигенција; зборуваме со децата, не на децата. Со тоа развиваме способност да мислат на логичен начин, со што ќе се изразуваат поразбирливо и ќе бидат посамоуверени во комуникацијата.
- Пристап кон учењето – За да им помогнеме на децата да ги разберат поимите и процесите кои постојат околу нив, треба да ги научиме од што се составени и на што се слични. Затоа, ги учиме децата како да апстрахираат и препознаваат шеми, преку што ја развиваме нивната способност да се служат со критичко и логичко размислување при решавањето на проблемите.
- Игра – таа е неизоставен дел од раниот детски развој и воедно првиот столб на нашата програма. Преку играта со интерактивното роботче Кубето, ги учиме децата како да решаваат проблеми. Кога тие се преставуваат како супер-херои, тие всушност учат како да бидат лидери, а пак кога играат со своите другарчиња, тие учат како да се организираат.
- Креативност – поттикнувње на вродената желба за креативно изразување на децата, развој на нивната психомоторика, фина моторика, но и нивната фантазија.
Една од најголемите и најважни иновации претставуваа концептот на градинка. Релативно нова како идеја и концепт – постои помалку од 200 години и е основана од Фридрих Фробл, во Германија во 1837 година. Целата филозофија е основана на радикална промена во пристапот, која е суштински различна од училиштата кои постоеле претходно. Иако несвесен во моментот, тој основал принцип за образование кој е идеален за потребите на 21виот век – и тоа не само за 3 до 6 годишни деца, туку за сите возрасти, за сите оние кои сакаат да учат нови работи, да создаваат и да развиваат.
Ние ја негуваме неговата идеја и преку овој проект, уште повеќе се трудиме истата да ја пренесуваме и понатаму.