Facebook, Twitter, Microsoft и YouTube се согласија со барањата на Европската унија, во рок од 24 часа да го отстранат говорот на омраза од своите платформи. „Неодамнешните терористички нaпади нѐ потсетија дека мораме итно да го решиме проблемот со говорот на омраза на Интернет. За жал, социјалните мрежи се една од алатките кои терористите ги користат за радикализација на младите и за ширање на насилство и омраза. Оваа спогодба е важен чекор за да обезбедиме дека Интернет ќе остане слободно и демократско место каде се почитуваат европските вредности и закони“, вели Вера Јурова, Комесар за правда, заштита на потрошувачи и родова еднаквост.
Промената доаѓа на територијата на целата Европска унија, откако неодамна компаниите се договорија за 24 часа да го отстранат говорот на омраза од своите платформи во Германија.
Сепак не се сите задоволни од договорот кој го имаат компаниите со Унијата. Агенцијата European Digital Rights е незадоволна што компаниите сега мора да го работат делот кој треба да им биде оставен на полицијата и судовите. Невладиниот сектор е загрижен дека ова може да доведе до озаконета контрола на објавите, а правото на слобода на говор би можело да биде ограничено.