Најголемата друштвена мрежа сака да ги заштити своите корисници од злоупотреби. Компанијата во Индија тестира функционалност која ќе им оневозможи на останатите корисници да преземат, споделат или препратат профилна фотографија на друг корисник.
„Профилните слики на Facebook се важен дел од заедницата, им овозможуваат на корисниците да ги пронајдат своите пријатели и да креираат значајни врски. Сепак, сите не се чувствуваат безбедно со додавање на профилни фотографии. Нашите истражувања покажуваат дека жените во Индија не споделуваат профилни фотографии на кои се споделени нивните лица. Причина е стравот од она што може да се направи со нивните фотографии“, вели Арати Соман од Facebook.
Заштитата со „profile picture guard“ нема да биде единствена функционалност фокусирана на безбедноста. Луѓето кои не ви се пријатели, а ги има на сликите, нема да можат да се тагнуваат самите или некој друг на фотографиите. Од Facebook јавуваат дека колку што е можно, ќе биде оневозможен скриншот на сликите, но ова е тешко остварливо. Засега друштвената мрежа може да влијае на телефоните, и тоа само за корисниците на апликациите.
Причината поради која друштвената мрежа ги воведува овие промени е едноставна. За разлика од сите други содржини, објави, слики, видеа, профилните и „cover“-сликите се јавни. Ова значи дека секој може да ги види и преземе овие слики.