Facebook отвори нова лабораторија во која ќе се истражува вештачката интелигенција. Ова е трета лабораторија за вештачка интелигенција на Facebook, но овојпат е сместена во срцето на Европа, во Париз, бидејќи друштвената мрежа сака да го привлече и европскиот талент.
„Лабораторијата ќе отвори можности за истражувачи во Франција и ќе направи екосистем околу Facebok, во кој стартапи ќе работат на исти проблеми“, вели Јан ЛеКун, директорот за AI истражување на Facebook. Г. ЛеКун, истакнат истражувач во полето на AI, беше најмен уште во 2013-та година кога Facebook започна со вложување во оваа област, отварајќи канцеларии првин во Њујорк, потоа во Менло Парк, Калифорнија, и сега во Париз, во кои работат над 50-тина научници.
Според луѓето во Facebook, вештачката интелигенција е од огромна важност за иднината на компанијата. Препознавањето на лице на фотографии беше само првиот чекор, по кој следеа купувањето на Oculus Rift и неговата виртуелна реалност. Виртуелната реалност на Oculus моментално успева комерцијално, и може да се покаже како адут на Facebook пред другите ИТ гиганти.
Во Париз ќе се работи на исти проблеми како и во другите лаборатории, поточно на процесирање на природниот јазик, на логичната архитектура што е потребна за подобро AI; препознавање на говор, препознавање на лице на фотографии; но и препознавање на трендовите во комуникацијата и давање на персонализирани сугестии направени од AI кој ќе учи за корисникот од сите негови лични информации, детали, интереси и слики што се објавени на мрежата. Официјалните статистики се дека дневно се споделуваат по две милијарди фотографии на Facebook, Facebook Messenger, и мрежите во сопственост на Facebook, како Instagram и WhatsApp.
Што се однесува до оној вистински AI во форма на хуманоиден робот, или робот со кој ќе може да комуницирате како човек; според Facebook за таа вештачка интелигенција ќе „почекаме неколку декади“.







