Facebook одлучи комплетно да ја отстрани локацијата на која досега се складираа сите одобрени апликации, објавија во вторникот во пост на Developers Blog. Главната причина за оваа одлука е слабата посетеност на директориумот, како и фактот дека само 0,5% од апликациите користени на Facebook беа откривани преку директориумот. Нивните истражувања покажаа дека најголемиот дел од апликациите беа пронаоѓани и инсталирани преку едноставно пребарување преку search опцијата, па затоа отсега таа ќе биде единствениот начин за пребарување на апликации.
Добрата страна на оваа постапка е што конечно ќе се намали времето за прикажување на апликациите во пребарувањата, со што ќе се олесни и процесот на нивно стартување. Сѐ што сега ќе треба да направат програмерита за да ја стартуваат својата апликација е да кликнат на Submit to Search опцијата во Development App. Повеќе нема да постои процес на одобрување за да се влезе во пребарувањето, а апликациите ќе бидат прикажувани најдоцна во рок од 72 часа. Во случај да се направат измени во самите апликации тие автоматски ќе бидат апдејтувани.
Објавата за оваа промена Facebook ја завршува со следната изјава: „Не очекуваме значително намалување во посетеноста на вашите апликации како резултат на оваа промена, ќе продолжиме да ја фокусираме нашата енергија на социјални канали кои придонесуваат за значајна дистрибуција на вашите апликации.“ Дали ова е најава за нова платформа која наскоро ќе го превземе приматот на апликациите, останува да видиме, со Facebook никогаш не се знае што нѐ очекува…