Европскиот парламент донесе нов закон кој се однесува на дел од сервисите кои нудат услуги за криптовалути. Новиот режим за лиценцирање на крипто е наречен Markets in Crypto-Assets (MiCA) и е прв обемен крипто закон во светот. Законот доби поддршка од 517 претставници во Европскиот парламент, против гласаа 38 претставници, а 18 беа воздржани. Европскиот парламент го донесе и Законот за трансфер на средства (Transfer of Funds regulation) кој се однесува на обврската за откривање на идентитетот на клиентите на крипто операторите.
Мерките предложени во законот треба да спречат перење на пари, финансирање на тероризам и даночно затајување. Истовремено, законот треба да ги заштити инвеститорите и потрошувачите. Законот не ги регулира деценрализираните финансии и NFT-токените, пренесе Coindesk.
MiCA се однесува на сите платформи кои нудат услуги поврзани со крипто. Со новите правила крипто-берзите и крипто-паричниците ќе мора да се регистрираат за да работат во Европа. Платформите кои нудат услуги поврзани со стабилни токени ќе мора постојано да одржуваат доволна резерва. Доколку компаниите прекршуваат некои од барањата, на пример ако немаат доволна заштита за инвеститорите, или ако се опасност по финансиската стабилност, Европската комисија за хартии од вредност може да забрани, или да ограничи пристап до овие платформи.
Дел од одредбите на законот се однесуваат на потрошувачката на електрична енергија за време на овие трансакции. Компаниите кои се дел од секторот ќе треба да ја објавуваат својата потрошувачка како и влијанието на дигиталните средства врз животната околина.
Закон за заштита на корисниците и Закон за безбедна инфраструктура
Мерките кои ги опфаќаат крипто средствата се дел од два закони: Закон за пазари на крипто-средства (MiCA) и Закон за дигитална оперативна отпорност за финансискиот сектор (DORA). Првиот ќе креира законска рамка за берзите, паричниците или издавачите на стабилни токени. DORA ќе обезбеди стандардизација на системите и алатките кои се користат во финансискиот сервис, вклучувајќи ги тука и сервисите кои нудат услуги поврзани со крипто-средства.
MiCA содржи мерки со кои треба да се заштитат корисниците. На пример, ќе биде потребно да се објави потребниот „white paper“ и проспекти, како и мерките кои ќе се користат за заштита на корисниците. Во овие мерки ќе мора да биде објавен и механизмот за жалби и решавање на споровите. DORA се однесува на заштитата на инфраструктурата на компаниите. Покрај правила за управување со ризикот, законот ги обврзува сите жртви на сајбер напади да ги пријават инцидентите кај националните надлежни органи. Со одредбите од овој закон потенцијалните ризици по инфраструктурата ќе ги проценува Европската банкарска управа (EBA).
За некоја компанија да може да ги нуди своите услуги во државите членки на Европската Унија, најпрво ќе треба да добие лиценца од надлежен орган од некоја држава членка. Со оваа лиценца компанијата ќе може да нуди услуги во сите држави членки. Европската Унија се надева дека новиот закон ќе поттикне иновации и конкурентност во секторот, и истовремено ќе ја зголеми безбедноста. Правилата ќе важат и за трансферите внатре во ЕУ, но и за прекуграничните трансфери кои вклучуваат трети земји.
Следен чекор за носење на законот е формална поддршка од Советот, пред да биде објавен во службен весник. По ова официјално законот ќе стапи на сила во 2024 година.