Европската Унија во 2015 година ќе воведе нови правила за енергетска ефикасност кога се во прашање паметните домашни уреди и телевизорите кои се поврзани на интернет. Овие уред сега ќе мора автоматски да се исклучуваат кога не се во употреба за да заштедат енергија, јави BBC.
Уредите кои се опфатени со новата регулатива се со моќност помеѓу 25W и 100W, а нивното исклучување кога не се во употреба на корисниците може да им заштеди до 40 евра годишно. Иницијативата ќе опфати и дел од уреди како гасни шпорети, кои во Европа отсега ќе мора да доаѓаат со ознака за својата ефикасност.
Конечно Унијата ќе се обиде да им стави крај на компаниите кои погрешно ги претставуваат своите уреди преку моќноста. На мета на пример се правосмукалките кои „вештачки“ ја зголемуваат својата моќност за да бидат попривлечни за купувачите, иако најголем дел од додадената моќност се троши на загревање.
Со промените Европската Унија очекува да се намали емисијата на CO2 за 28 милиони тони, со што краен резултат би била почиста животна средина, но и пониски сметки за гас и електрична енергија за граѓаните.







