Европскиот парламент разгледува законско решение кое би можело значително да го отежни пристапувањето на друштвените мрежи за тинејџерите и децата под 16 години. Предлогот предвидува забрана за проток на податоци за жители на Европа помлади од 16 години, пренесува Financial Times. Весникот вели дека американските ИТ компании започнале да лобираат против амандманот, а во тек е и петиција против амандманот.
Oвој амандман се наоѓа во новите Правила за заштита на приватноста и корисничките податоци. Правилата ќе се однесуваат на неколку клучни работи како механизми против сајбер-напади во кои ќе се вклучат сите 28 земји-членки; воведување на „право да бидеш заборавен“ во Европа, што значи дека корисниците ќе можат да побараат отстранување на линкови со стара и нерелевантна содржина; и креирање на национални агенции за контрола на тоа како компаниите ги користат личните податоци… Овие правила ќе се однесуваат на сите компании кои работат во Европа и со Европејци, дури и ако седиштето им е надвор од континентот, пренесува New York Times.
Начинот на кој се планира спроведување на законот е тинејџерите да мора да имаат дозвола од родителите. Она што останува нејасно е како би се имплементирало ваквото решение, иако постојат вакви механизми за деца помлади од 13 години. Регулацијата е прилично тешка за спроведување, а доволно е едноставна промена на датата на раѓање при логирање на сервисот за да го „измамите“ сервисот.
Решението засега не е дел од законот, и единствено е амандман, но доколку се усвои, законот нема да биде на разгледување пред секој од парламентите, туку по две години автоматски ќе започне да се применува, јави Next Web.