Франција нема да воведе забрана за Tor и Wi-Fi, ниту во случај на вонредна состојба. Дел од властите во Франција побараа забрана и ограничување на овие поволности, но премиерот Мануел Валс вели дека не слушнал за вакво барање.
„Интернет е слобода, неверојатно средство за комуникација помеѓу луѓето, со придобивки за економијата. За жал, им овозможува на терористите да комуницираат и да шират пропаганда и идеологија. Полицијата мора да ги има предвид овие аспекти и да ја подобри својата борба против тероризмот, но овие мерки мора да бидат ефикасни“, вели г. Валс.
Можеби повлекувањето доаѓа по информациите дека комуникацијата на терористите не е криптирана, или сепак станува збор за идеи кои биле нафрлани, но забранувањето на Wi-Fi има некаква логика, вели Ars Technica. Комуникацијата преку јавен Wi-Fi хотспот е потешка за следење од останатите конекции, но терористите не се единствени кои ги користат придобивките од отворен пристап до интернет. Најчести корисници се токму обичните граѓани кои можат да се информираат за опасностите и за безбедноста на своите блиски и пријатели.
Помеѓу најголемите „херои“ при природните катастрофи, најчесто се обичните луѓе кои ги отвораат своите домови и Wi-Fi мрежи за сите минувачи, па останува нејасно дали евентуалното враќање на идејата за овој закон дополнително ќе ја отежни состојбата за информирање, во и онака неподносливи услови.