Европа продолжува да работи на правната рамка за креирање на првата официјална европска крипто валута. Комисијата оваа недела ја објави законската рамка, а како и со сѐ во Европа, фокусот е на приватноста.
Внесувањето на еврото во дигиталната ера е важен европски проект. Како дополнување на готовината, не се сомневам дека дигиталното евро ќе донесе предности за граѓаните и бизнисите низ ЕУ. Но, свесен сум дека тоа бара доверба од луѓето. Денешниот предлог ќе помогне да се формира рамка за дебата околу тоа што е дигитално евро и предностите од неговото создавање. Сега сме на почеток на долг демократски процес, кој ќе се прави заедно со Европскиот парламент, Советот – и се разбира, Европската централна банка, која ќе одлучи дали и кога да го воведе дигиталното евро.
Мерид Мекгинис, комесар за финансиски услуги, финансиска стабилност и пазари на капитал
Конечната одлука за потребата на носење на дигитално евро треба да ја донесе Европската централна банка, и ќе биде донесена подоцна годинава. Сепак за да може Европската централна банка воопшто да донесе ваква одлука, треба пред себе да го има законот.
Ако Централната банка одлучи дека има потреба од дигитално евро, валутата ќе биде платежно средство во сите 26 држави во кои се користи еврото.
Покрај тоа што дигиталното евро ќе мора да биде во согласност со останатите европски закони, ќе мора да бидат исполнети повеќе специфични услови:
- Дигиталната валута ќе мора да биде дизајнирано да се минимизира процесирањето на лични податоци на корисниците. Мора да биде достапно и офлајн, нивото на приватност мора да биде споредливо со повлекувањето на пари од банкомат или на плаќање вo кеш.
- Дигиталното евро мора да биде креирано имајќи ги предвид луѓето со попреченост, функционални ограничувањa, ограничени дигитални вештини и за повозрасните.
- Дигиталното евро мора да обезбеди универзален пристап до основните функционалности за сите корисници, дури и за оние кои немаат пристап до основните финансиски услуги. Сите кредитни институции кои обезбедуваат услуги за плаќање ќе мора да обезбедат основни услуги за плаќање со дигиталнo евро на барање на своите клиенти. За корисниците кои не се клиенти на институциите, ќе мора да се обезбеди пристап до сметката со дигитални евра со основни услуги. За физички лица оваа услуга треба да биде бесплатна. Јавните органи (локални или регионални власти, поштенски канцеларии) треба да може да дистрибуираат дигитални евра на физички лица кои не сакаат да отворат дигитална евро-сметка кај кредитните институции или други организации кои имаат услуги на плаќање.
Дел од клучните барања се однесуваат на приватноста на корисниците. Во ниту еден момент плаќањето не смее да ја надмине приватноста која е овозможена со плаќање во кеш. Ова се однесува на плаќањето онлајн, но и на офлајн плаќањето преку NFC чипови. Овие трансакции треба да бидат невидливи и за провајдерите на платежни услуги и за банките. Сепак, податоци мора да се чуваат за времето и уредите кога корисникот купува дигитални евра.
Обврската за овозможување на плаќање со дигиталната валута ќе мора да биде обезбедена од сите, освен најмалите трговци кои може да одберат да не овозможат плаќање со дигитални евра.
Она што ќе го обезбеди новата валута e алтернатива на платежните картички, но и на платежните сервиси како PayPal, кои во општ случај доаѓаат од САД. Сите овие начини на плаќање во иднина ќе може да се заменат со дигиталното евро.
За воопшто да се официјализира дигиталното евро најпрво треба да добие поддршка од Европската централна банка. Потоа конечната верзија на законот мора да ја поддржат 27-те земји-членки на ЕУ и Европскиот парламент.