Иако претходно изгледаше дека ќе се спасиме од „членот 13“ од Европскиот закон за авторски права на единствениот пазар, членот се враќа и е полош од претходно. За жал, Германија и Франција успеаја да ги усогласат своите ставови и ова ќе биде на штета на малите компании, вели евро-парламентарката Џулија Реда.
Усогласувањето на ставовите на Франција и Германија е лоша вест за сите, но во што беа несогласувањата? Франција бараше членот 13 да се однесува на сите компании, без разлика на големината. Германската страна сметаше дека членот 13 треба да се однесува на поголеми компании, а компаниите со годишен промет помал од 20 милион евра, треба да бидат оставени послободно да работат. Усогласувањето помеѓу двете страни сега е поблиско до германскиот став, па членот 13 ќе се однесува на сите компании со промет над 10 милиони евра или над 50 вработени.
Поточно ослободени се само дел од компаниите кои ги исполнуваат условите:
- се присутни во јавноста помалку од 3 години
- имаат годишен профит под 10 милиони евра и
- имаат помалку од 5 милиони посетители месечно
Сите компании кои не исполнуваат барем еден од овие услови, ќе мора да докажат дека направиле сѐ што е во нивна моќ да отстранат содржина која нарушува авторски права. За најголем дел од малите компании ова ќе значи филтри за аплоуд. Што се однесува за тоа кој ќе одлучува дали е направено сè што можело да се направи, ова е оставено во рацете на судот.
Член 11 и член 13
Предлог законот има два контроверзни члена. Членот 13 се однесува на забрана за објавување на содржина без авторски права и забрана за корисници да објавуваат ваква содржина. Ако има некое нарушување сопственикот мора да ја отстрани содржината и да докаже дека направил сѐ што можел за да го спречи ова. Вториот член е членот 11 кој се однесува на линк до содржина. Со овој член речиси секој обид за линкување до некоја содржина ќе биде проследен со лиценцирање.
„Промената ќе го промени интернетот од место каде може слободно да се изразуваме (со некаква модерација направена на платформите) во место на кое големи корпоративни сопственици на авторски права ќе кажуваат што може, а што не може да се објави. Ова ќе им овозможи на сите носители на права да се однесуваат како насилници кон секој сајт или апликација на кои корисниците имаат можност за објавување“, вели г-ѓа Реда.
Финалните преговори завршуваат идната недела. Советот се состанува на 11 февруари, а потоа членовите на Европскиот парламент ќе го имаат финалното гласање. Добра вест е единствено дека на претходното гласање законот едвај помина, а евро-парламентарците се пред реизбор.
„Не постои верзија од член 13, која е безбедна за малите европски конкуренти на големите американски компании. Google и Facebook пораснаа, бидејќи не мораа да плаќаат милиони за да го проверуваат секој приговор на секој корисник за усогласеност со законот за авторски права. Ставањето на овој товар врз европските компании само ќе ја зголеми доминацијата на постоечките гиганти и, во крајна линија, ќе им отежне во преговорите“, вели BoingBoing во текст со наслов „Бакнеж на смртта“.