Се подготвуваше зад затворени врати, и сега новиот нацрт на Законот за медиуми и аудиовизуелни услуги се појави и пред нас – граѓаните за да го разгледаме. Законот предвидува доста промени и обврски во структурата на медиумите. Според властите овој закон ќе ги отргне новинарите од влијанието на сопствениците, ќе добиеме потранспарентни медиуми и независно новинарство. Но, според критичарите, главно новинарите кои го бојкотираа претставувањето, овој закон ќе биде алатка за цензура.
Го прочитавме нацртот и нашите проценки се дека има и добри работи кои ќе го оправдаат влијанието на медиумите, пример импресумот и авторството се задолжителни, но и механизми кои се застрашувачки како воведување на Агенција која ќе ги рецензира медиумите. Да почнеме прво од добрите работи во законот, а потоа и од работите кои мора да се променат ако сакаме да имаме транспарентни и независни медиуми.
Законот е добар затоа што…
Првите два члена од нацртот се јасно и гласно искажување дека целта на законот е да обезбеди слобода на изразување и слобода на медиуми, заштита на медиумскиот плурализам, право на информирање, развој на медиумите и независната продукција и развој на медиумската писменост.
„Медиуми се средства за јавно информирање како: весници, магазини и друг печат, програмите на радиото и телевизијата, електронските публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност.“
Ако се плашите од цензура тогаш отворете блог! Блоговите, форумите и друштвените мрежи не се дефинирани како електронски публикации, односно не се медиуми според Законот. Но, нема дефинирано што е блог, така да останува отворено на интерпретации посебно ако редовно објавувате содржина.
„Електронски публикации се уредувачки обликувани програмски содржини кои се објавуваат на интернет веб страни достапни за пошироката јавност без оглед на нивниот обем. Како електронски публикации не се сметаат електронските верзии на печат кој се издава, интернет блогови, форуми, социјални мрежи, пребарувачи и слично.“
Законот ги обврзува институциите и општините да го почитуваат Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер.
Сите онлајн медиуми ќе мора да имаат импресум. Сите текстови ќе мора да бидат потпишани од новинарите. Тоа значи дека ќе се стави крај на македонските веб медиуми кои реобјавуваат вести без да бидат транспарентни во тоа кој стои зад медиумот. Така ќе знаеме кој стои зад Press24 или пак кој ги пишува текстовите на Курир, или пак кој се автори на куп други вести на куп други анонимни медиуми.
„Издавачот на медиум е должен на соодветно место за секоја програмска содржина да ги објави следните податоци: име и презиме на авторот на објавениот прилог…“
Се забранува говорот на омраза, ширење на агресија и оружени конфликти, поттикнување на дискриминација и расна, верска или национална омраза. И се забранува цензурата.
„Ниту една одредба од овој Закон не смее да се толкува на начин кој ќе дозволи цензура или ограничување на правото на слобода на изразување и слобода на медиумите освен во случаите наведени во ставот на овој член [4].“
Треба да се плашите од законот затоа што…
Законот, поточно став 3 од член 4, предвидува ограничување на слобода на медиуми заради „заштита на здравјето и моралот“ иако не дефинира за какво здравје зборуваме, ниту за каков морал. Верувам дека „здравјето и моралот“ на тие што владеат може да биде многу поразличен и ограничувачки за моралот кој го има новинар кој сака да објави информации кои можат да им наштетат на властите.
„Слободата на медиумите може да биде ограничена само кога и доколку тоа е нужно заради заштита на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавниот ред и мир, спречување немири и казниви дела, заштита на здравјето или моралот, заштита на угледот или на правата на другите, спречување за откривање на доверливи информации или заради зачувување на авторитетот и независноста на судската власт.“
Уредниците се соочени со притисок бидејќи во Законот за медиуми има повеќе членови и ставови кои се против нив, отколку што ги заштитуваат. Уредниците иако треба да бидат независни од газдите на медиумите, ќе ја сносат сета одговорност за содржината на медиумите. Според наведеното право на новинарите, им се дава моќ на новинарите да ги изнесат своите ставови за кои ќе одговара уредникот. Ова може да значи и целосна авто-цензура за уредниците кои би одбиле да се вклучат во истражувачко новинарство од страв дека тие лично ќе бидат нападнати со тужби и други притисоци.
„Одговорниот уредник е одговорен за секоја објавена информација во медиумот, согласно овој закон.“
Се креира Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги која ќе биде медиумската полиција. Оваа агенција ќе треба да се грижи за слободата на медиумите, но и да потикнува „саморегулација“ и ќе има моќ да „одзема“ дозволи за емитување и да се грижи за „интересите на граѓаните“. Последното може лесно да биде злоупотребено бидејќи граѓаните немаат пристап до информациите до кои можат да дојдат новинарите, информации кои можат да бидат компромитирачки за властите.
Агенцијата ќе има директор и совет од седум членови кои ќе земаат „месечен надоместок во висина до четири просечни месечни плати“, заедно со надомест за сите патни трошоци. „Советот е должен да одржи најмалку една седница во месецот“. Членовите ќе имаат мандат од девет години. Но, проблемот не е само во огромните плати, туку и во тоа што во членовите од советот не мора да бидат новинари.
„Овластени предлагачи на членови на Советот се: – Мнозинското здружение на новинарите на Македонија предлага еден член на Советот, -Комисијата за прашања на избори и именувањат на Собранието на Република Македонија предлага три члена на Советот; -Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија предлага три член на Советот.“
Сите издавачи на електронски публикации ќе мора да се пријават на Агенцијата. Ова е малку проблематично бидејќи не е добро дефинирано што е електронска публикација. Во дефиницијата стои дека електронските публикации се тие што објавуваат онлајн соджрина „независно од обем“. Тоа може да биде и редовен блог. А што е блогот? При регистрација се поднесуваат фирма, уредништво, „IP адресата на електронската публикација“, адресата на серверите и хостингот, и сопственичката структура на медиумот.
„Издавачот на електронски публикации пред да започне со објавување на електронски публикации доставува пријава за евидентирање во регистарот на издавачи на електронски публикации што го води Агенцијата, за што Агенцијата му издава потврда за регистрација.“
Ако не се регистрирате, а објавувате содржина, ќе бидете казнети со глоба во износ од 1.000 до 3.000 евра. Ова се однесува на физичките лица, кои можат да бидат блогери, или пак се дефинирни како медиуми.
„Глоба во износ од 1000 до 3000 евра во денарска противредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице ако: објавува програмски содржини по пат на печат без потврда за регистрација (член 52 став (2)); објавува електронски публикации без потврда за регистрација (член 54 став (2)); аудио и аудиовизуелните медиумски услуги по барање се обезбедуваат без потврда за регистрација (член 67 став (1));“
Не заборавајте дека ова е само нацрт-закон кој треба да се дискутира, и да се надеваме, промени и подобро дефинира. Како и кај другите закони за медиуми и електронска комуникација, повторно се соочуваме со лоша или недоволна дефиниција за веб медиумите и нивните права и технички можности. Факт е дека медиумите во Македонија се наоѓаат во лоша ситуација. Дел се партиски гласила, дел се мачат да опстојат. Законот би требало да ја поправи ситуацијата бидејќи се чувствува и притисок од меѓународната заедница, посебно од Европа која нема да и дозволи на Македонија никаква кандидатура за во Унијата ако нема независни медиуми. Но, во исто време постои и разумен страв дека законот може да претставува уште една алатка за да се замолчат критичарите на власта. Прочитајте го нацртот и одлучете сами дали ќе го оправдате, или ќе го мразите.
Она што мене ме интересира е дали блогот доколку врши било какво рекламирање, види дефиниција во нацрт-закон:
26. Рекламирање е секоја форма на огласување емитувано, односно објавено за паричен или за друг вид надоместок или за самопромотивни цели на физичко или на правно лице во врска со:
-трговија, бизнис, занает или професија со цел да се промовира понудата на производи и услуги, вклучувајќи недвижен имот, права и обврски во замена за плаќање, или
-популаризација на некоја идеја или активност или за постигнување друг ефект.
Ќе биде опфатен со овој закон или со самото тоа што иницијално не се смета за електронска публикација ќе биде изоставен.
И дополнително, што правиме во случајот што е чест пример на повеќето сајтови, па еве и на овој, дали значи дека во делот БЛОГ ќе може да објавуваат што сакаат иако е на некој начин интегриран дел од структурата на сајтот и како ќе се дефинира тоа?
А дали законот ги опфаќа и порталите на .com домеинот? com. домеинот е интернационален и МАРНЕТ нема законски дејствија над истиот?
Многу ме интересира одговорот на ова прашање нека го даде некој :)
Според предлог-законот it.com.mk е во групата медиуми.
Се додека не дознам што е „блог“ и да се реконструираме. :))
You are doing it all wrong. Кој ќе го прашаш што е блог, државата? :))))
Си инсталираш ВордПрес, под логото додаваш <blog> и тоа.
Но имајте во вид дека новиот закон не ги регулира општите обврски, и на блог можеш да бидеш тужен но како личност / автор.
Здраво Виктор, проблемот е во тоа што не е прецизно дефинирано што е електонска публикација. Контактирав со ресорното министерство да ми објаснат дали Забавен сајт кој не објавува вести или политика туку само забавни содржини преведени од други странски портали од полето на Здравје, Занимливости на пример. И ми одговорија дека
– Со Нацрт-текстот на Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги се опфатени само електронските публикации кои претставуваат уредувачки обликувани програмски содржини кои се објавуваат на веб страни. Со дефиницијата број 3 прецизно е утврдено дека електронски верзии на печат кој се издава, интернет блогови, форуми, социјални мрежи, пребарувачи не се сметаат за електронски публикации и не се предмет на уредување на овој закон.
Со оглед на претходното обврската за пријавување во Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги ја имаат само издавачите на електронски публикации, а не сите македонски веб-сајтови.
Е ај разбери каде спаѓаат мотика.цом.мк. фемина.мк или пак вашиот сајт???
Форуми и блогови знаеме дека се ослободени но забавните сајтови кои само лепат по некое клипче, забавно текстче и фотоградии?
Фала за анализата Виктор.