Има само стотина шефови на чело на сајбер-криминални банди во светот, кои стојат зад глобалниот сајбер криминал, вели шефот на Europol Cybercrime Centre, Троелс Оертинг во интервју за BBC Radio. Шефот на одделот за сајбер криминал открива дека идентитетот на „поглаварите“ им е генерално познат и дека доколку успеат да ги затворат нив ќе колабира целиот сајбер криминал. Најголем дел од шефовите на сајбер криминалните банди се наоѓаат во држави од руско говорно подрачје.
„Криминалците повеќе не ги преминуваат нашите граници, тие своите криминални дејства ги прават од далеку и поради ова не можеме да ги користиме традиционалните методи за да ги фатиме…“, вели г.Оертинг. „Криминалците имаат повеќе ресурси на располагање и немаат пречки. Мотивирани се од алчност и профит и креираат злонамерен софтвер со брзина на која е тешко да одговориме“.
Г. Оертинг рече дека соработката помеѓу Europol Cybercrime Centre и руската полиција станува подобра, а двете страни се во континуиран контакт што ќе им ја отежне работата на сајбер криминалците. Како најголем проблем е потенцирана можноста сите да го преземат злонамерниот софтвер и потоа да го користат, без притоа да има било какова потреба од тоа да бидат сајбер експерти.
„Тоа што треба да ги загрижи корисниците е кражбата на нивните приватни и чувствителни информации – пристап до вашиот имејл, Facebook профил, Доколку тие знаат доволно за вас можат да ви ги ресетираат Google или Apple акаунтите и да ви го преземат животот“.







