Cult of Blood е грчка игра која ветува враќање кон корените на класичниот survival horror жанр, со мрачна атмосфера, немилосрден гејмплеј и приказна која ќе ве прогонува долго откако ќе ја завршите.
Тимот на it.mk имаше ексклузивна можност да поразговара со креаторите на играта и да дознае повеќе за светот што го создаваат – од морничавата инспирација зад приказната, до филозофијата на дизајн и техничките предизвици.

Инспирација од мрачната реалност
Приказната на играта звучи вознемирувачки реална, а официјалниот опис открива дека е „инспирирана од вистинска приказна“. Поради тоа, нашето прво прашање беше од каде точно потекнува оваа мрачна идеја и како истата била преточена во натприроден хорор.
„Cult of Blood е инспирирана од вистинската приказна за Магдалена Солис, таканаречената „Врховна свештеничка на крвта“’”, чиј реален култ западнал во лудило и ритуални убиства во Мексико во 60-тите години на минатиот век,“ објаснуваат од тимот. „Ја зедовме таа вознемирувачка основа и ја преосмисливме низ една помрачна, помистична леќа, трансформирајќи ја историската трагедија во свет каде крвните ритуали навистина имаат моќ, а самото верување ја искривува реалноста.“

Враќање кон класиците
Трансформацијата на вистински настани во интерактивно искуство не е лесна задача, особено во жанр кој се потпира на тензија и страв. Ги запрашавме кои класици од survival horror жанрот им служеле како урнек за гејмплеј механиките и атмосферата.
„Cult of Blood црпи огромна инспирација од тензијата и темпото на класиците како Resident Evil и Silent Hill. Бевме инспирирани од промислената борба и менаџирањето ресурси во Resident Evil, како и од психолошкиот страв и моќната атмосфера на Silent Hill. Нашата цел беше да ги споиме тие механики од старата школа – фиксни и кинематографски агли на камерата, лиминални загатки и ограничени ресурси – со модерни дизајнерски сензибилитети за да создадеме прогонувачко искуство кое се чувствува истовремено носталгично и ново.“

Балансирање на хаосот
Еден од аспектите што веднаш паѓа во очи е описот на борбата како „хаотична и немилосрдна“, со бројни непријатели. Ова може да биде меч со две острици – предизвик за едни, но фрустрација за други. Како се постигнува вистинскиот баланс?
„Сакавме борбата во Cult of Blood да се чувствува преголема, но фер. Балансот доаѓа од контролата, свесноста и паметното донесување одлуки, наместо од сурова моќ,“ велат девелоперите. „Непријателите често напаѓаат во групи, но секоја средба е дизајнирана со јасни шаблони и моменти за здив, овозможувајќи им на вештите играчи да се прилагодат. Ограничената муниција ве принудува да носите тешки одлуки под притисок, додека респонзивното избегнување и нападите базирани на тајминг ја наградуваат прецизноста. Со мешање на хаосот со намера, тежината станува дел од тензијата, туркајќи ги играчите да останат остри и стратешки наместо само да ги казнува.“

Уметноста на бруталните босови
Покрај стандардните непријатели, играта става голем акцент на битките со босови, опишувајќи ги како клучна карактеристика. Сакавме да дознаеме повеќе за нивниот процес на дизајнирање на овие незаборавни, повеќефазни средби.
„За нас, незаборавна битка со бос во Cult of Blood започнува со атмосфера и ескалација. Секоја средба е изградена околу централна емоција – страв, очај или стравопочит – и еволуира низ повеќе фази кои го менуваат однесувањето на босот. Она што ја прави борбата навистина брутална и задоволувачка не е само предизвикот, туку моментот кога играчот чувствува дека преживеал нешто лично и застрашувачко, совладувајќи го хаосот преку фокус и упорност додека светот околу него се распаѓа.“

Кинематографијата како механизам за страв
Атмосферата во голема мера е дефинирана од специфичниот кинематографски пристап со фиксни агли на камерата, нешто што е реткост во модерните игри. Ги прашавме кои се уникатните предности и предизвици на овој стил.
„Пристапивме кон кинематографската режија со идејата дека секој агол на камерата треба да се чувствува намерен, како кадар од психолошки хорор филм. Фиксните камери ни дозволуваат да го поставиме играчот во угнетувачки, но пријатни (cozy) средини кои истовремено ја истакнуваат убавината и стравот, насочувајќи го погледот кон суптилни детали во приказната. Можеме да манипулираме со тоа што играчот го гледа или не го гледа за да изградиме тензија преку сугестија. Предизвикот, сепак, е да се одржи јасноста и респонзивноста на гејмплејот; секој агол мора да го поддржува движењето и борбата без да ја наруши имерзијата. Кога е правилно избалансирано, тоа го трансформира едноставното истражување во кинематографско искуство.“

Предизвиците на развојниот процес
Секој развоен процес има свои подеми и падови. Ги прашавме кој бил најголемиот технички, а потоа и најтешкиот креативен предизвик со кој се соочиле.
„Најголемиот технички предизвик за нас беа волумените и транзициите на камерата кои никогаш не дезориентираат, тенк контролите кои се чувствуваат итно и покрај промените на камерата, и осветлувањето кое го прикажува стравот во најчиста форма без да ги жртвува перформансите.“
Од креативна гледна точка, пак, предизвикот бил поинаков. „Најтешкиот дел беше темпирањето на хоророт – наоѓањето на тој деликатен ритам помеѓу тивкиот страв и наративното откритие. Cult of Blood се развива во пријатна атмосфера и не сакавме постојаниот шок да го затапи стравот, ниту пак премногу тишина да го изгуби моментумот. Балансирањето на тие емотивни врвови и долини, особено во пресрет на финалната конфронтација, бараше безброј преработки и тестирања. Секој крик, шепот и треперење на светлината мораше подеднакво да им служи и на тензијата и на приказната, осигурувајќи дека кога кулминацијата конечно ќе пристигне, таа ќе се чувствува и неизбежна и разорна.“
Интересно, кога ги прашавме дали имало идеи или механики кои морале да ги отфрлат во текот на развојот, одговорот беше изненадувачки директен: „Не отфрливме ниту една карактеристика или идеја за време на развојот. Од самиот почеток знаевме што сакаме и се држевме до тој пат.“

Совет за инди-сцената
Со својот специфичен стил, Cult of Blood цели кон јасно дефинирана публика. За крај, побаравме совет за другите инди-девелопери за важноста на градење игра за посветена публика, наместо да се обидуваат да им се допаднат на сите.
„За инди-девелоперите, познавањето на вашата публика не е само маркетинг, туку креативна јасност. Со Cult of Blood, од самиот почеток знаевме дека правиме игра за играчи кои копнеат по тензија, пријатна атмосфера и немилосрдни survival механики. Мојот совет е да се потпрете на она што ја прави вашата игра посебна.“

Cult of Blood се чини дека е страстен проект создаден со јасна визија и длабока почит кон класиците на жанрот. Со нетрпение очекуваме да видиме дали финалниот производ ќе биде исто толку застрашувачки и привлечен како што ветува.







