Dying Light успеа да ја надгради забавната формула која беше воведена со Dead Island серијалот и да се постави како една од најомилените игри со зомби чудовишта. По контроверзната сезонска пропусница која, не само што ја зголеми цената во одреден период, туку и одби да ги обедини сите додатоци во неа, авторите сметаат дека има уште простор за новитети. Поради тоа, Dying Light ќе добие 10 бесплатни додатоци во наредните 12 месеци.
Според продуцентот на играта, околу 700.000 играчи се дружеле со Dying Light во септември 2015 година, на неделно ниво. Со оглед на тоа дека таквата бројка денеска е сведена на импресивни 500.000 играчи, тимот смета дека тоа само им покажува дека нивната заедница е огромна, активна и желна за повеќе и дека таквото нешто мора да се награди со оригинални, нови содржини во десет инсталации.
Од она што знаеме, бесплатните додатоци ќе бидат во скромна изведба и ќе се движат од нови настани во играта, нови непријатели, нови мистерии за разрешување и „многу, многу повеќе“. Првото DLC ќе биде со нови непријатели и во моментот кога тоа ќе излезе (претпоставуваме во август), фановите на оваа зомби игра би можеле да очекуваат по едно пакетче секој месец.
На Dying Light работи Techland, тим кој се бори за својата сенка под сонцето уште од 1991 година. По првпат стануваат запазени првин со Chrome игрите, потоа со Call of Juarez и на крај со Dead Island серијалот. Студиото работеше на Chrome 2, Warhound и Hellraid, поради преголемиот успех со Dying Light ги стави сите тие три игри во мирување.