Низ годините, често се случува да го наполните нашиот хард диск со дупликат датотеки. Таквото нешто не само што непотребно зазема дел од и онака драгоцениот простор, туку и знае да ги фрустрира помалку трпеливите корисници.
Duplicate File Finder ветува бесплатно да ги пронајде таквите престапници и злоупотребувачи на вашиот драгоцен простор. Но, бесплатното завршува тука, и доколку сакате автоматски да ги отстраните, потребно ќе биде да ја купите професионалната верзија. Ова е и една од причините поради кои ја споменуваме апликацијата. На сајтот на Ashisoft вешто се крие фактот дека отстранувањето на податоците ќе ве чини пари. Многумина корисници знаат да се најдат во ситуација, да го преземат и инсталираат програмот, да ги пронајдат дупликат податоците и во моментот кога ќе сакаат да ги избришат да видат дека за таквото нешто потребно е да се плати. Имено, цело време се рекламира дека Duplicate File Finder е бесплатна верзија, но кога ќе пробате да ги отстраните фајловите, во пораката која ја добивате пишува дека Duplicate File Finder е, всушност, пробна (trial) верзија. За тоа колку е ефикасна ваквата стратегија, оставаме вие да процените.
Она што ние ви препорачуваме е да ја избегнете Duplicate File Finder во широк круг и да си инсталирате AllDup. Алатката можеби нема да ве плени со визуелниот дел, но лесно пронаоѓа и ви дозволува да ги прегледате дупликатите пред да ги неповратно отстраните. Најновата верзија ви дозволува да скенирате и екстерни хард дискови и USB стикови за дупликат податоци. Автоматското барање и бришење е брзо и, најважно од сè, апсолутно бесплатно.







