Најголемата реакција дојде со најкратките пораки. Најпопуларните теми на Тwitter се со тагот Хаити. Огромен дел од нив се и од жителите на Хаити кои твитаа за земјотресот и кои сега пишуваат за актуелните случувања во Хаити.
Медиумите веднаш се свртија кон друштвените мрежи. Иако имаат неколку новинари во Хаити, CNN веднаш ангажирале луѓе да го следат интернетот. „Веднаш поставивме некој да ги надгледува друштвените мрежи и нашиот iReports за Хаити.“ вели потпретседателoт на CNN International Digital Services, Ник Врен.
Друштвените мрежи покажаа и хуманитарна страна. На кампањата да се помогне на Хаити се приклучи и Facebook корисниците. „EARTHQUAKE HAITI“ има над 100.000 членови кои објавуваат информации за земјотресот. Некои од корисниците ја користат оваа и другите групи за барање на исчезнатите најблиски. Постојат и групи за донирање помош за жртвите на земјотресот.
Голем број на организации поставија можност за донации, дали преку веб страни или преку СМС пораки продолжија да го шират зборот за трагедијата. Добар пример е кампањата на познатата поп ѕвезда Вајклив Џон кој преку Twitter и блоговите ги поканува сите негови фанови да донираат по 5 долари за Хаити преку неговата добротворна организација „YELE“.
„Стотици илјади долари се собираат за само 18 часа само од друштвените мрежи.“ вели Дејвид Мелтцер од американскиот Црвен Крст во видеото на AssociatedPress. Црвениот Крст собра 3 милиони долари од СМС донации. Добротворната организација постави и веб сајт за да помогне да се најдат и идентификуваат исчезнатите лица.
Се уште не се знае точната бројка на жртвите во Хаити. Огромен број се исчезнати под рушевините. „Не знам, до сега слушнав за 50.000….30.000.“, рече претседателот на Хаити, Рене Превал.
Има неверојатна приказна за жена која со SMS порака ги информирала канадската Амбасада дека е закопана под урнатините. Таа порака ја спасила од застрашувачка смрт да биде закопана жива.
Google со помош на GeoEye објави нови сателитски слики од Хаити каде се гледаат рушевините со цел да овозможи логистичка помош при санација на штетата и наоѓање на исчезнатите лица.
„Ги имаме податоците од Map Maker за Хаити достапни за Обединетите Нации во своја сурова форма за санирање на штетите од земјотресот. Доколку има познавање за локацијата, помогнете ни во градењето на подобра мапа на Хаити со Google Map Maker.“ пишува Google во блог пост.
Многу други сервиси кои работат со мапи се активираа за трагедијата. Пример, Ushahidi понуди одлична мапа со категоризирани информации за случувањата во Хаити.
Глупаво што е потребна трагедија да се демонстрира хуманост и моќта на друштвените мрежи, но барем се реагира. Што би се случило да ги нема информациите? Доколку сакате да помогнете Црвениот Крст на Македонија отвори жиро сметка за да се соберат средства за помош на настраданите во Хаити.










