Driving Detective е нова македонска апликација која треба на сите возачи да им помогне да возат побезбедно. Апликацијата е дело на Васил Василев, 20 годишен студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
Генерално сум самоук, но многу им должам на моите соученици од приватното средно училиште „Јахја Кемал“, каде што ја имав честа да учам со едни од најдобрите натпреварувачи по информатика кои што неколку пати освојувале медали на балканските и светски првенства, претставувајќи ја Македонија. Знаењата со кои се стекнав таму, како и напорната самостојна работа, ми овозможија да добијам пракса во Google. Бев 3 месеци минатото лето, и повторно ќе одам оваа година, на почетокот на јуни. Најголемиот напредок секако го стекнав во периодот кој го поминав таму“, вели Васил.
Последните неколку недели времето е малку потопло, па често наместо во канцеларија кафето го пиеме на тераса. Терасата е над фреквентна улица и може да забележиме што прават возачите. Најчеста работа која ја правиме во последно време е ги броиме возачите кои се со телефоните во рака; без разлика дали зборуваат или гледаат што и да е. Секако ова е прекршок, но само ако ве забележи полиција.
Начинот на кој апликацијата ве заштитува е прилично едноставен. Android има вграден „не вознемирувај“ (DND) мод на работа. При овој мод телефонот ги блокира нотификациите, па возачот барем нема постојано да добива нотификации. Она што го прави Driving Detective е детектирање кога возилото е во движење и автоматско активирање на „не вознемирувај“-модот.
„Конкретно за апликацијата, идејата не би рекол дека е револуционерна. Ова е веќе постоечка функција на новата верзија на iOS системот. Вакво нешто недостасуваше на Android, па се решив да се обидам да го имплементирам. Не би рекол дека основната мотивација беше фактот што во Македонија се вози доста несовесно, што за жал сметам дека е вистина, но сметам дека апликацијата доаѓа во вистинско време кога веќе постои иницијатива за зголемување на сообраќајната свест, главно предводена од Авто Мото сојузот на Македонија. Се надевам дека и мојата апликација ќе има некаков удел во тоа“, додава г. Василев.
Нотификациите можеби не се голема опасност како зборувањето додека возите, но едно одвлекување на вниманието може да биде фатално.
Апликацијта е потполно бесплатна, а доаѓа и без реклами. Но, ако мислите дека заради ова Васил ќе престане со развој, се лажете. Тој најави дека развојот на апликациајта продолжува, а истовремено додава дека и самиот ужива додека ја развива.
Браво Васил, честитки! Горди сме на тебе! Само продолжи така!😄