Ким Дотком, основачот и извршниот директор на сега затворената MegaUpload “империја”, најверојатно ќе може да си го поврати целиот свој имот во вредност од 17.8 милиони долари заедно со 6.8 милиони долари запленет кеш заради грешка во судскиот налог со кој му се одземени.
Според весникот New Zealand Herald, полицијата во Нов Зеланд се обидела да ја исправи грешката барајќи нов и исправен судски налог, но бидејќи имало реакции од адвокатскиот тим на Ким Дотком, финалниот збор е кај судот во Оукланд, кој треба да одлучи дали ќе се врати имотот и парите или ќе останат запленети.
Сега Дотком чека судење за еден куп обвинувања, но поважно од судењето моментално е дали ќе биде екстрадиран во САД или ќе му се суди на “домашен терен” во Нов Зеланд. Дотком пред три недели беше ослободен од затвор со кауција и покрај предупредувањата од ФБИ дека може да ја напушти земјата и да се пресели во некоја држава која нема да дозволи екстрадација.
Одлуката за тоа дали ќе биде екстрадиран Дотком во САД ќе биде позната на сослушувањето закажано за во Август.