Date Everything: потенцијални партнери од секојдневни предмети

Воспоставување контакт, организирање и добро водење на состанокот, како и сите работи кои доаѓаат по (не)успешното завршување често знае да бида авантура полна со предизвици. Во случај да сакате да „искусите“ (искусите?) дел од овие работи директно од комфорот на вашиот дом, Date Everything! се појавува како револуционерен и необичен наслов кој смело го редефинира жанрот на симулаторите за запознавање. Игpaтa се оддалечува од конвенционалните романтични интереси, прифаќајќи го неочекуваното и ветува свежа перспектива на љубовта, пронајдена на најневеројатните места: во вашиот сопствен дом.

Date Everything започнува во свет чија моментна состојба потцетува на нашата. Имено, вештачката интелигенција станува сè поголема закана за работните места, нешто што вие го искусувате на прва рака откако ќе ја изгубите вашата работа во служба за корисници. Подемот на вештачката интелигенција ја поставува сцената за една авантура која е сè само не обична. Мистериозен подарок во форма на Dateviators – магични очила – целосно ја менува вашата перцепција, трансформирајќи ги секојдневните предмети и апстрактните концепти во свесни, антропоморфни ликови подготвени за романса. Аха, баш така.

Благодарение на ваквата уникатна премиса, се овозможува огромна и разновидна листа од 100 состаноци. Во случај да не го протолкувавте правилно горниот параграф, дозволете да бидеме подиректни: ќе можете да „одите“ на состаноци со вашиот кревет, детекторот за чад и правосмукалката. Пред да помислите како тоа би било чудно, да се надоврземе дека не е проблем да спуштате ѕвезди и на нематеријални концепти како вода, воздух, па дури и чувства како егзистенцијален страв.

Сепак, играта ја надминува комичната новина и ја користи оваа поставка како софистицирано наративно средство за истражување на длабоки човечки теми. Со давање човечки особини на предмети, Date Everything! создава емотивно резонансен простор за справување со менталното здравје, токсичните врски и универзалната потрага по поврзаност. Ликовите стануваат моќни метафори: Еден ваш ваков потенцијален партнер е работохолик кој ги отсликува општествените притисоци, додека друг овозможува директен ангажман со честа психолошка состојба.

Овој амбициозен концепт е оживеан преку извонреден дизајн и продукција. Секој од 100-те ликови се одликува со уникатен визиелен дизајн кој паметно го одразува предметот што го претставува, оставајќи впечаток како ликот да има комплексни допирни точки со предметот, односно материјата, односно чувството. За да се вистински вдахне душа во овие креативни визуелни битија, играта располага со 70.000 линии целосно озвучен дијалог, изведени од врвна екипа на гласовни актери од гејминг индустријата, вклучувајќи имиња како Фелиша Деј, Мет Мерсер, Лора Бејли и Нил Њубон. Оваа огромна инвестиција во гласовна глума не е луксуз, туку неопходност што ги прави ликовите, без разлика колку се апстрактни, целосно димензионални и убедливи.

Механиките на играта се дизајнирани да ја поддржат наративната длабочина. Главната цел е да се разработат комплексните интеракции преку сите 100 ликови, следени преку „date-a-dex“ во играта. Клучно за темпото е ограничувањето на пет интеракции дневно, што ве поттикнува внимателно да се посветите на приказните, правејќи го напредокот да се чувствува заработен и органски.

Длабочината е дополнително засилена со стратешкиот систем „SPECS“. Овој систем е, всушност, колекција од статистички поени што се добиваат со завршување на приказните. Поените се клучни за отклучување напредни опции за време на дијалозите. Имено, ако немате доволно поени во одреден област, како сарказам, нема да можете така лесно да се задевате со одредени ликови.

Date Everything, исто така, интегрира истражување на целосна куќа. Паралелно со вашето истражување, истата ќе можете и да ја персонализирате преку интеракции со специфични ликови, со што се зајакнува врската помеѓу напредокот во врските и еволуцијата на светот на играта.

На крајот, Date Everything! само покажува дека игрите можат да спојат хумор и фантазија, оставајќи притоа, и значајни социјални коментари. Успехот на играта лежи во способноста да ја искористи уникатната (чудна) премиса за да понуди прониклив коментар за човечката состојба на достапен и привлечен начин. Преку својот инклузивен и разновиден список на ликови, мајсторско градење на светот и извонредна продукциска вредност, играта се издигнува над едноставна симулација за запознавање и станува изненадувачки срдечно, провокативно и незаборавно искуство.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments