Епилог на една сага
Claws of Awaji е првото големо проширување за играта Assassin’s Creed Shadows. Дизајнирано од студиото Ubisoft Bordeaux, експанзијата не нуди самостојно искуство, туку функционира како директен епилог, продолжувајќи и заокружувајќи ја приказната на главните протагонисти, Наое и Јасуке. Поради тоа, доколку сакате инстантно да навлезете во проширувањето, ќе бидете разочарани. За да се впуштите во авантурата на мистериозниот остров Аваџи, потребно е да ја завршите целосната главна кампања на играта, вклучувајќи ги и личните квестови на Наое и Јасуке, како и клучните мисии поврзани со Џунџиро. Штом сево ова го завршите, а, верувајте, навистина е многу, ќе можете да го активирате квестот Out of the Shadows. Иако има многу за играње, апсолутно сме во ред со ваквите услови. Claws of Awaji е замислена да биде еден вид финален, концентриран чин, наменет за сите оние посветени играчи кои веќе го завршиле своето патување низ Јапонија, или барем мислеле така. Но, дали она што ќе го најдете тука е достојно на основната игра и дали ќе наидете на истата забава или пак на целосно промашување?

Решавање на отворени прашања
Како катализатор што ги решава отворените прашања од основната игра, Claws of Awaji замислува доста гејмери.
Иако главната кампања заврши, според многумина, на релативно задоволителен – интригантен начин, неколку нерешени наративни прашања останаа неодговорени, како намерно извлечени за да ве држат во неизвесност, но и да го поплачат патот за идни проширувања. Claws of Awaji експлицитно се занимава со едно од најголемите прашања – судбината на мајката на Наое, Цују, која се веруваше дека е мртва, но за која се појавија вести дека можеби е жива.

Потрагата започнува кога Наое добива информација од својот сојузник Хатори Ханзо, кој слушнал гласини дека нејзината мајка, водачот на атентаторите, сè уште е жива. Оваа надеж ја води Наое, заедно со Јасуке, до островот Аваџи, каде што се открива поголем темпларски заговор. Овде, ќе се запознаете и со новиот, главен антагонист кој доаѓа во форма на Кимура Јукари – суров владетел на островот, кој ја предводи безмилосната фракција Санзоку Ипа. Низ целово оваа патешествие Наое се крши низ емотивната потрага да ја пронајде и ослободи својата мајка, со која не се видела уште од детството.

Приказната во Claws of Awaji е маестрално осмислена и беспрекорно реализирана, збогатена со врвната глума на која веќе навикнавме низ долгата и исцрпна основна кампања. Оваа експанзија органски и логично се надоврзува на самиот крај на оригиналната приказна, плетејќи интригантна мрежа од нови заплети кои не само што даваат задоволителни одговори на веќе поставените прашања, туку и ве тераат со неизмерно задоволство повторно да се нурнете во овој богат и детален свет.
Наративот е толку клучен и импресивен, особено за развојот на ликот на Наое, што дел од гејмерската заедница побрза да изрази незадоволство преку негативни рецензии. Главното несогласување произлегува од ставот дека вакво значајно поглавје од приказната требало да биде интегрален дел од основната игра, а не дополнителна содржина искористена за дополнителен профит од нивните тешко заработени пари.
Без длабоко да навлегуваме во деловната етика и стратегиите зад ваквите одлуки, сметаме дека е важно да го истакнеме овој аспект. Токму во овие критики лежи и најголемиот комплимент – содржината е толку добра и неопходна за целосното искуство, што фановите ја доживуваат како есенцијален дел од целината, а не како обичен додаток.

Нови механики
Проширувањето Claws of Awaji не е само продолжување на приказната, туку воведува и нови гејмплеј елементи, кои се фокусирани на збогатување на искуството од основните механики. Најзначајната нова механика е воведувањето на бо-стапот како ново оружје за Наое. За разлика од другите оружја во играта, бо-стапот носи со себе целосно нов систем на борба, со три различни борбени позиции: висока, неутрална и ниска. Оваа повеќеслојна механика бара од вас да го совладаат менувањето на позициите за да можете да напаѓате различни делови од телото на непријателите, да изведувате флуидни комбинации и да се справувате со повеќе противници одеднаш. Се работи за внимателно осмислиен борбен стил и систем со целосно нови движења, напади и елиминации.

Единствено што ни е криво е тоа што истиот третман не е посветен и на Јасуке. За жал, самурајот овојпат не добива нова играчка. Наместо тоа, неговото играње е освежено со неколку нови активни способности, како можност да испука огномет од своето тепо за да ги турне непријателите наназад, како и нов потег наречен hurricane stance, нанесувајќи голема штета на повеќе противници одеднаш.
Освен новиот арсенал, проширувањето воведува и нови типови на непријатели и механики на играње. Фракцијата Санзоку Ипа се соочува со играчите не само со директен напад, туку и со заседи и стапици низ целиот остров. Некои непријатели, пак, се маскирани како цивили и можат да нападнат кога најмалку се очекува, нешто што, верувајте, знае брзо да здосади.

Визуелниот и уметничкиот дизајн на островот Аваџи се едни од најсилните аспекти на проширувањето, покрај приказната. И покрај релативно помалата површина во споредба со огромната мапа од основната игра, островот е феноменално дизајниран и внимателно поделен на четири различни региони. Доколку решите внимателно да истражувате, ќе наидете на разновидни пејзажи, од живи поморски предели и густи шуми, до мочуришта и плажи, правејќи ја дестинацијата преубаво место.

Слично на ова, звучниот дизајн и музиката во Claws of Awaji се цврсто втемелени во веќе воспоставениот пристап од основната игра. Експанзија продолжува со употребата на динамична музика која се прилагодува на вашите дејствата, создавајќи прекрасна и, пред се, соодветна атмосфера за секој момент. Особено е за пофалба тоа што и интензитетот на музиката се менува според интензитетот на конфликтот, нешто што е евидентно дури и при префрлањето на позициите на бо-стапот.

Claws of Awaji не е наменетa за сите, а неговата крајна вредност е тесно поврзана со искуството на поединечниот играч со основната игра. Доколку бевте длабоко инвестирани во личниот развој на Наое, тогаш оваа содржина е речиси задолжителна бидејќи дава долгоочекуван и емотивен заклучок на нејзината приказна. Покрај ова, го имате новиот бо-стап на Наое, зголемената тежина, како и луксузот од шетање низ целосно нов остров. Но, оние кои беа незадоволни со основната игра и понатаму ќе останат незадоволни затоа што воопшто не се застранува од претходно-воспоставениот урнек. Незадоволни би можеле да бидат и оние што ја сакаа основната игра, но од некоја причина, сакаа оваа содржина или да е бесплатна или пак да нуди повеќе содржини.

На крајот на краиштата, Claws of Awaji е интересен завршен чин за сите оние кои сакаат да ја искусат целосната приказна за Наое, како и да се соочат со интересни предизвици на нова територија. Доколку апсолутно се давевте во се што беше сервирано во основната игра и со месеци гладно посакувавте нови содржини, тогаш би можело да ви се допадне она што Ubisoft Bordeaux го имаат зготвено за вас.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Ubisoft Bordeaux
- Издава: Ubisoft
- Жанр: акција, авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 16 септември 2025







