Кога е јасна ситуацијата
Ако сте компанија или физичко лице чија цел е промоција или пак во краен случај продажба, апсолутно вашите твитови не смеат да бидат заштитени. Како прво, вие сте се приклучиле на социјалната мрежа за да им се приближите на вашите купувачи, и да стекнете нови. Кога вашите твитови се заклучени, нема да се појавуваат во пребарувањата на интернет пребарувачи како Google, нема да може да ги види некој кој можел да ви биде потенцијален купувач и твитовите нема да ви се архивираат во библиотеки од каде еден ден може да бидат најдени, и тоа да биде во ваша корист. Тука се наметнуваат многу дополнителни прашања за кои ќе зборуваме во некоја следна прилика. Ако Twitter за вас е место да запознаете нови луѓе, твитате со познаници, место каде постојано ќе бидете постојано во екот на настаните и ќе учествувате придонесувајќи, тогаш читајте понатаму.
Зошто да ги заштитите
Значењето на Twitter е различно за секој корисник. Секој неговата употреба и цел различно ја разбира. Сепак, постојат некои универзални прашања кои ги засегаат сите.
- Поради приватност. Иако сите сме свесни дека ништо што е еднаш онлајн веќе не може да биде вистински приватно, сепак сте заштитени од погледите на случајниот минувач.
- Поради трајност. Кога вашите твитови се јавни, како што споменавме, се појавуваат во пребарувањата на интернет прелистувачите, се архивираат. Ова не е никаква гаранција дека вашите твитови нема некако да стигнат каде не сакате, ама можеби е некоја утеха дека нема да ги има никаде надвор од Twitter.
- Поради душкачи. Оваа причина е слична на генералната за да се заштити приватноста, но ја носи на сосема друго ниво: ако знаете дека шефот тајно ќе следи што пишувате и може да го употреби тоа против вас, ако имате родители кои преку онлајн мониторирањето сакаат да ја ограничат вашата слобода, ако имате роднини кои едвај чекаат да најдат некој трач за вас кој ќе го рашират наоколу, ако мислите дека вашите професори може да ги читаат вашите твитови а не сте сигурни дека може да “треснете” нешто итн. – Овде се работи за информации кои можат да дојдат до погрешни раце и да бидат потенцијално опасни. Тука веднаш се појавува мислата да не твитате ништо лично, но ако имате Twitter профил само за да пишувате за себе, тогаш сервисот ја губи смислата. Малку повеќе зашто оваа причина не треба да ја сваќаме премногу параноично, подоле.
А зошто да не
Филозофијата позади Twitter сервисот е споделувањето информации. Ако сите ги заклучат своите твитови, ќе се изгуби духот на сервисот и нема да биде повеќе потребен. Ќе ги наоѓате и ќе комуницирате само со веќе познатите, исто како на Facebook, и нема да ви е привлечна идејата да почнете да следите некој друг на кој не му се јавни твитовите затоа што нема да може да ве заинтересира. Don’t kill Twitter, ok?
- Twitter не е Facebook. Луѓето често ги мешаат сосема различните концепти на двата сервиса, и се одлучуваат за иста политика на Twitter каква што имаат на Facebook. Facebook е место каде можете да пишете многу за себе во профилот, вклучувајќи адресата на електронска пошта, датумот на раѓање, па дури и бројот на телефон. Нормално е во такви услови да бидете предпазливи околу тоа кој го гледа вашиот профил. Исто така, земајќи ја во предвид таа лична нота на Facebook, ако сте нормален корисник, вашите пријатели во голем дел ќе бидат составени од контакти кои ви се и во реалниот живот пријатели, и луѓе од вашата поширока околина. Twitter од другата страна, нема скоро никакви опции за да оставите лична трага на профилот, имате само 160 карактери за да се опишете, во кои можете да вклучите линк од некој друг сервис, но тоа е ваш избор. На Twitter не се во преден план интеракциите кои се остваруваат помеѓу следачите и следените и кои на Facebook имаат одредена тежина, туку напротив леснотијата ослободени од личните податоци да ги продлабочите вашите интереси, комуницирајќи со непознатите и познатите. На Twitter можете да запознаете многу истомисленици кои можат понатаму да станат и ваши соработници и пријатели.
- Во секое време можете да ги блокирате непосакуваните следачи. Било да се работи за бот, или за некој кој навистина не сакате да има пристап до вашите твитови. Овде сакам да се навратам на причината “за” која се занимаваше со “душкачите” и да напоменам дека можете да ги блокирате сите оние профили кои се непожелни, а тие нема ни да знаат. Сепак, додека вашите твитови се јавни, нема да се откачите од упорните. Добро е тоа што ако многу луѓе пријават некој профил како спам, тој ќе биде отстранет.
- Заштитените твитови ви ги огранчуваат можностите. Како што и спомнавме, Twitter не е само за да останете во контакт со вашите познаници, туку напротив повеќе е свртен кон оние кои не ги познавате. Исто така, гледајте го и како идеална бизнис можност: вашите твитови кои се однесуваат на вашата професија можеби ќе заинтересираат некој работодавец кој ќе ви презентира некоја бизнис понуда, или пак ќе се поврзете со некој со кој можеби во иднина ќе основате некој стартап бизнис. Поради тоа што се интересите во преден план, имате повеќе шанси да се дружите со луѓе кои се слични на вас, па не е исклучена и можноста да најдете некој кој во иднина може да ви стане и личен пријател.
- Бидете паметни. Не претерувајте со изјавите поврзани со вашиот личен живот. Малку претпазливост никогаш не е на одмет.
Вие одлучувате…
Twitter сеуште не е толку голема заедница, и сеуште можете да бидете спокојни од проблеми од размерот на оние кои ги имаат попосетените социјални мрежи. Сеуште во таа помала заедница комуникацијата тече непрекинато и навистина можете да добиете многу. Да не спомнувам дека е и многу, многу заразно. Јас ви советувам да вдишете длабоко, да се ослободите од стравот и да го искористите во целот она што ви го нуди Twitter.








