Развиена од Atypical Games и објавена од Gaijin Entertainment, Cubic Odyssey е игра која ветува бескрајно истражување и авантура. Со детално разработени отворени светови, можете да се впуштите во галактичко патување низ живописни планети, да создавате алатки, да градите возила и да се борите против мистериозната црвена темнина. Но, дали Cubic Odyssey успева да ги исполни своите грандиозни ветувања и да понуди навистина уникатно искуство, особено за фановите на Minecraft?

No Man’s Sky и Minecraft
Cubic Odyssey ве поставува во улога на истражувач кој, по принудно слетување на далечна планета, мора да ги искористи сите свои вештини за да преживее и да ја открие судбината на галаксијата. Сржтта на играта лежи во процедурално генериран универзум, каде што секоја ѕвезда на небото претставува сончев систем со планети кои преколнуваат да бидат истражени. Овие планети се полни со најразлични жители, со динамични циклуси на ден и ноќ, раздвижени градови, пиратски бази и опасни урнатини во чија внатрешност се кријат древни мистерии.

Но, за да може и да помислите на истражување, првин ќе треба да собирате ресурси, да ги рафинирате во материјали и да градите најразлични работи, од основни алатки и бази до напредни возила и вселенски бродови. Можноста за создавање е речиси неограничена, со што ви се овозможува целосна слобода за обликување на универзумите според вашата креативна визија. Вреди да се спомене дека не се работи за генерично sandbox искуство, туку ќе наидете и на бројни квестови кои ќе ве туркаат кон откривање на тајните на заборавена цивилизација, трговија со бројни ликови, но и борба против бескрупулозни пирати.

За оние кои претпочитаат тимска игра, Cubic Odyssey нуди забавен co-op режим. Па така, без проблем ќе можете да ги здружите силите со пријателите и заеднички да се сооочите со колосални непријатели, да осособите орбитални ласерски напади или да градите огромни заеднички мегаструктури. Соработката е одлично изведена и, иако играта е значително подобра во ко-оп, на солидно искуство ќе наидете и доколку ја играте играта сами. Динамиката можеби е поразлична, но секогаш имате нешто ново за истражување, правење или уништување.

Еден од најистакнатите аспекти на играта е беспрекорното движење помеѓу копно, воздух и вселена. Слично на No Man’s Sky, можете да се префрлувате помеѓу планетарни возила и вселенски бродови, истражувајќи од површината на планетите до длабочините на вселената. За побрзи премини, имате на располагање варп скокови помеѓу ѕвездени системи. Ваквите премини се направени флуидно и на забавен начин, допринесувајќи до впечатлива имерзија за време на играњето. Покрај истражувањето и борбата, Cubic Odyssey вклучува и RPG елементи благодарение на кои можете да ги зголемувате вашите вештини, да отклучувате нови рецепти за изработка и да го обликуваат ликот преку значајни избори и надградби.

Ова не е игра која се завршува во едно попладне и потребно е да сте ок со фактот дека прогресијата во играта може да биде бавна и на моменти макотрпна, со акцент на постојано собирање ресурси и надградба во мали чекори. Исто така, иако нема механики за глад и жед, постои зависност од енергија за речиси секоја акција, што може да претставува фрустрација за некои играчи.

Cubic Odyssey несомнено е амбициозен проект кој има огромен потенцијал за истражување, креативност и авантура. Со својот простран универзум, можности за градење, ко-оперативен режим и интригантна приказна, играта има потенцијал да ги привлече љубителите на научно-фантастичниот жанр и игрите со отворен свет.