Секоја година, чешкото образование продуцира околу 4.000 – 6.000 дипломирани студенти од ИКТ секторот, кои пак веднаш влегуваат во ИТ индустријата во земјата, која според некои проценки вработува повеќе од 300.000 луѓе. Побарувачката за ИТ таленти во Чешка расте секој ден – мешавината на стартапи, добро етаблирани технолошки фирми и глобални компании кои отвораат канцеларии или филијали во Прага го прават чешкиот главен град како популарна дестинација за технолошката работна сила.
Па така, неколку глобални технолошки компании бараат начини како да профитираат од овој талент, а меѓу нив е и американската компанија за сајбер безбедност SentinelOne.
Кон крајот на 2021, компанијата ја лансираше својата нова канцеларија и иновативен центар во Прага. Американската компанија планира да ангажира повеќе од 300 вработени во земјата и да создаде база за развој на производи во Прага кои ќе ги зголемат нејзините постоечки тимови во Америка, Азија и на други места во Европа. Вкупната инвестиција на SentinelOne во Чешка ќе надмине 45 милиони долари во следните три години, пришто таа цели да вработи голем број компјутерски инженери.
Преку ваквата инвестиција, Прага станува срцето на европските операции на SentinelOne и центар на нејзиниот глобален развој на производи. За да се направи една стратешка инвестиција како оваа, особено важен е пристапот до таленти, вели оперативниот директор на SentinelOne, Николас Ворнер.
„Чешкиот образовен систем произведува инженери од особено висок калибар, така што го гледаме како идеална основа за да ни помогне да ја изградиме нашата технологија. Импресионирани сме од математиката, науката, критичкото размислување и јазичните вештини на ИТ талентот во земјата“, вели Ворнер.
Чешкиот експерт за сајбер безбедност Мартин Матула е лидер на нејзините операции во Чешка. Според него, Чешка и нејзиниот сосед Словачка досега успеале да создадат голем број на успешни компании за сајбер безбедност, а дел од причината за ова е поради тоа што во регионот има изобилство на технолошки таленти.
„Имаме солидна база на базен на таленти за backend инженери, технологии базирани на Java и JVM. Има многу SaaS компании со седиште овде, па кога станува збор за искуството за работа со cloud, сметам дека стоиме прилично добро на тој план“, појаснува Матула.
Успехот на Прага и Брно, уште еден чешки град со просперитетен ИТ екосистем, во привлекувањето на многу од водечките светски технолошки компании исто така значи дека ИТ компаниите во земјата не мора да бидат зависни од тоа да бараат таленти од странство.
Според Матула, засега овој потенцијал најмногу се одразува во сајбер-екосистемот на Чешка.
„Има многу можности во Прага за основање други центри за истражување и развој за е-трговија и други различни домени, но мислам дека сајбер-безбедноста е иднината“, вели тој.
За успехот на Чешка придонесуваат и домашните приватни инвестициски фондови. Еден од нив е и Presto Ventures, VC фонд кој инвестира во рана фаза B2B стартапи од Централна и Источна Европа (ЦИЕ).
Неодaмна, чешкиот фонд го објави и својот Фонд II од 30 милиони евра, преку кој планира да инвестира во четириесет B2B технолошки стартапи во регионот на ЦИЕ.
Во последниве години, регионот на ЦИЕ продуцираше голем број успешни стартап приказни благодарение на својот обемен STEM талент. Сепак, и покрај успехот, регионот сè уште се соочува со голем број предизвици што го ограничуваат неговиот целосен потенцијал, потенцираат од Presto Ventures.
Со овој нов фонд, Presto сака да го забрза успехот на B2B стартапите основани во ЦИЕ преку обезбедување на паметен капитал и ресурси кои се однесуваат на специфичните прашања во регионот.
„Знаеме дека има фантастичен стартап потенцијал во регионот на ЦИЕ; сепак, најамбициозните основачи сè уште треба да се борат со премногу препреки – вклучувајќи го и недостатокот на пристап до глобалниот капитал и експертиза“, вели Премисл Рубеш, основач и партнер во Presto Ventures. “Нашата цел е да го зголемиме пристапот до ресурсите потребни за брз развој на следната генерација на основачи на компании, обезбедувајќи практична поддршка за да им помогнеме да успеат“, потенцира тој.