{mosimage}Неколку британски мобилни оператори упатиле барање до Nokia да престане со плановите да ја вклучи пре-инсталираната мобилна верзија на Skype во дел од своите мобилни телефони, особено моделот N97. Стравот на операторите е дека со опцијата за бесплатно повикување преку Skype и можноста за приклучување на интернет било каде, ќе им се намалат профитите. Доколку Nokia не ги послуша, тие се закануваат дека ќе прекинат со доставување на мобилните телефони на компанијата во своите специјални понуди.
Оваа "авантура" започна по соопштението на Skype за време на Светскиот мобилен конгрес одржан во Барселона, во кое се истакна дека компанијата која е во сопственост на eBay Inc., склучила договор за фабричко инсталирање на мобилна верзија на Skype во новите телефони на Nokia, започнувајќи со моделот N97 кој е планиран официјално да излезе на пазарот во средината на јуни.
Најактивните оператори против одлуката за пре-инсталиран VoIP (глас преку интернет протокол) софтвер се и едни од најголемите на британскиот пазар, односно Vodafone, O2 и Orange, додека T-Mobile од некоја причина го поддржува потегот на финскиот произведувач на мобилни телефони.
{mosimage}
Портпаролката на O2, кои беа единствените со официјална изјава, *политички* изјави дека моментално работат со Nokia и се обидуваат да го разберат нивниот Skype сервис како и бизнис моделот околу него. Таа исто така назначи и дека постојано вршат проценка на нови апликации и мобилни сервиси за подобрување на искуствата на својата корисничка база, па така би сакала и да се обиде да го разбере потегот.
Со овие закани и барања, британските оператори само докажуваат дека не сакаат нивните корисници да имаат повеќе избори, дури и во една ваква економска криза. Но од друга страна, овој потег и несигурност на операторите само докажува дека технолошките иновации значајно започнуваат да го менуваат начинот на нашето живеење и дека секојдневно се пронаоѓаат нови начини за нивна имплементација во секојдневниот живот. Традиционалните бизнис модели кои со години и години работат со едни исти сервиси и услуги, немаат многу голема иднина доколку не се адаптираат на ваквите промени.






