{mosimage}Со програма наречена Interception Modernisation Programme, владата на Велика Британија ќе им овозможи на своите тајни служби да имаат пристап до секоја е-маил и СМС комуникација во државата, која дополнително ќе биде и архивирана. Во програмата се вклучени британските тајни служби GCHQ, MI5, MI6 и државната полиција кои со пристапување до заеднички компјутерски систем ќе можат да ги надгледуваат сите индивидуални примени и испратени е-маилови и СМС пораки во земјата.
Системот кој ќе биде изграден исто така ќе има можност да го следи и секое останато дејствие на интернет, вклучувајќи и обична посета на некоја веб страна.
Планираните трошоци достигнуваат сума од околу 20 милијарди US долари и вклучуваат изградба на нов посебен објект каде што ќе биде сместен централниот систем. Овој систем би бил најголемиот компјутерски систем за надгледување во Велика Британија.
Предлогот на тајните служби сеуште не е официјално дискутиран ниту пак прифатен и засега се третира како државна тајна, но се најавува дека при крајот на месецот Ноември владата на Британија ќе излезе со официјален став.
Целта на системот за електронско набљудување, според директорот на GCHQ, Sir David Pepper кој воедно е и главниот човек позади предложениот проект, би била да се спречи ширењето на тероризмот, компјутерските измами и педофилството на интернет.
Досега единствено тајната служба MI5 може да извршува ограничено набљудување на е-маил комуникација и интернет дејствување, но за тоа да биде спроведено првин е потребен судски налог.
Според статистиките од последната година, доколку овој компјутерски систем биде одобрен и изграден, ќе бидат набљудувани над 57 милијарди СМС пораки (1.800 пораки секоја секунда) и над 3 милијарди е-маилови дневно, или 35.000 секоја секунда со што ќе биде навистина тешко да се користи датабазата која ќе биде создадена.
Загрижени за приватноста на граѓаните, лидери на неколку политички партии и разни организации веќе се противат на оваа одлука нарекувајќи го овој план како "огромно прекршување на човечките права." Реакцијата на јавноста е исто така негативна за целиот предлог.






