Како што најавивме минатата недела, Yahoo ја купува платформата за блогирање Tumblr за 1,1 милијарда долари. Бордот на Yahoo и одобри на новата директорка Мариса Маер да ја реализира аквизацијата од која најмногу ќе добие 26 годишниот основач на Tumblr, Дејвид Камп. Tumblr за само седум години успеа да стигне до неверојатната бројка од 100 милиони блогови со над 50 милијарди постови и 117 милиони посети месечно, но тоа за жал не донесе добри приходи, само 13 милиони лани, како што се очекува од оваа се-популарна платформа. Приходите се причината зошто ваков моќен стартап се одлучи да влезе во соработка со поголемите од нив.
Засега нема детали за насоката во која ќе се движи соработката. Yahoo е во пресвртница и на пат да биде повторно „кул“, велат извори блиски до компанијата. Tumblr e една од најпопуларните платформи меѓу младите корисници, па нема да биде изненадување Yahoo да ги искористи блоговите како уште еден извор на содржина која ќе биде промовирана преку нивниот портал за да ја привлече помладата публика. Камп ќе остане во Yahoo за најмалку четири години со целосна контрола врз сервисот. Ова значи дека Tumblr нема да биде изгасен, туку ќе продолжи да се развива овојпат со рекламната платформа на Yahoo.
Со аквизацијата, Yahoo се вклучува на Google и Facebook како ИТ компанија која потроши над 1 милијарда долари за да купи стартап. Google го купи YouTube за 1,6 милијарди во 2006-та година, а Facebook за една милијарда го купи Instagram минатата година.







