Blether Labs, американска компанија за развивање друштвени мрежи, стартуваше апликација за приватни разговори на Twitter во реално време, наречена !Blether. Оваа апликација им овозможува на Twitter корисниците да креираат групни четови и со оние кои ги следат, и со оние кои не ги следат, а сè што треба за тоа е да вметнат „!b“ на почетокот од својот твит.
Апликацијата !Blether функционира така што постојано го скенира Twitter барајќи ја командата „!b“. Кога апликацијата ќе најде ваква команда во кориснички твит, сите Twitter имиња во тој твит добиваат одговор со линк кој води до приватен групен чет на !Blether платформата. Само корисниците кои се спомнати во твитот ќе имаат пристап до групниот чет, освен ако не е некој поканет од страна на оној што го започнува четот. Поканувањето е многу едноставно, само се пишува командата „!b“, и се спомнуваат оние профили кои треба да бидат поканети.
Интересното за оваа апликација е тоа што функционира на секоја платформа, без разлика дали станува збор за десктоп, паметен телефон, или пак таблет компјутер. Креаторите на оваа апликација имаат најавено дека во следната верзија, корисниците ќе можат да зачувуваат разговори.
Twitter веќе има 100 милиони активни корисници месечно, половина од кои се логираат скоро секој ден, а дневно се споделуваат околу 250 милиони твитови. Twitter e навистина корисна платформа која овозможува да се кажат многу работи во само 140 карактери, но како и секоја друга платформа, може уште да се надградува, и се разбира тука влегува !Blether како одлично надополнување.







