Бевме поканети на демо приказ и разговор за Guild Wars 2: End of Dragons

Верувале или не, скоро деценија како Guild Wars 2 го окупира вниманието на гејмерите. За тоа време, тимот од ArenaNet исфрли неверојатно многу содржини, почнувајќи со сезонско исфрлање поглавја со нови приказни, мапи и механики, па сè до чистокрвни експанзии кои значително го прошируваат нашиот престој во Тириа. Во февруари ќе биде исфрлена третата експанзија за играта. Насловена како End of Dragons, експанзијата конечно ќе не одведе во Канта, но што ќе најдеме таму? Пред недела дена, бевме поканети да присуствуваме на скоро двочасовен демо приказ и да поразговараме за многу работи кои би можеле да ги најдеме во End of Dragons.

Кафе, змејови и многу восхитување

Од ArenaNet ни дадоа посебен клиент преку кој беше активирана основната игра, но и последната експанзија, End of Dragons. Откако се логиравме со press кодот, инстантно бевме префрлени во првата мапа – Echovald Wilds. Доколку ја имате играно првата Guild Wars тогаш името на мапата ви е познато затоа што се работи за домот на најголемиот конфликт помеѓу ривалските банди и фракции кои сакаат да ја зграпчат ултимативната моќ во Канта, особено братството Џејд кое наводно уште тогаш експериментираше со технологијата Jade Tech.

Додека носталгично се присетувавме на овие работи и возбудено ја истражувавме мапата, нѝ се приклучи тим од пет ArenaNet девелопери кои немаа ни време да го испијат првото кафе, со оглед на огромната временска разлика; сесијата за нас беше доцна, а за нив рано наутро. По краткиот поздрав, првото нешто што сакаа да потенцираат е да ги разбијат гласините за тоа дека оваа е последната експанзија за Guild Wars 2.

„Наспроти популарните гласини“, почнува Камерон, претставник од тимот, „ова не е последната експанзија за GW2, иако насловот би можел да алудира на тоа“. Никако не сме завршиле со Guild Wars 2 и најдобрите работи допрва почнуваат.“

По краткото запознавање со останатите, започнавме со истражување на новата мапа. The Echovald Wilds е длабока, мрачна шума која била целосно скаменета од разорната моќ на Jade Wind, нешто што е познато од настаните во Guild Wars Factions. Конечно, во Guild Wars 2 шумата полека, но сигурно се враќа во нејзината природна состојба. Мапата е апсолутно феноменална и одредени одлуки во дизајнот би можеле да ве потсетат на Магума џунглата која ја видовме во првата експанзија Heart of Thorns. Бројни асети во играта се апсолутно нови и ѝ даваат на The Echovald Wilds интересна свежа диманзија со суптилна носталгична жичка, примарно поради фактот дека одредени места од првата Guild Wars можат да се видат и во End of Dragons, иако, поради огромната временска разлика, истите се значително променети.

Тука некаде, се запрашавме дали и останатите мапи се направени во овој стил.

„Никако!“ – Ни одговорија од тимот, „Тоа е и најголемата новост во End of Dragons! Секоја мапа се одликува со засебен уникатен биом. Тоа значи дека ве очекуваат интересни и целосно неочекувани визуелни можности за истражување кои се уникатни за секоја мапа„

Прашавме дали ваквото нешто се покажало исклучително предизвикувачко за нив, затоа што во првата експанзија сите мапи беа фокусирани на еден биом – џунгла, а во втората експанзија целосно се фокусираа на биомот пустина.

„Навистина беше и не можете да замислите колку пати се покајавме што ја донесовме таквата одлука, но, на крајот, како сите коцкици си доаѓаа на место, нѝ се допадна финалниот производи и сме исклучително задоволни од заедничкиот труд кој го вложивме“

Заедничко јавање на едно од најуникатните животни

Нашата тура нè одведен низ тврдината Aspenwoor каде што имавме заедничка мисија да ги уништиме портите на истражувачката лабораторија на Јаде братството со целосното ново животно за јавање – огромната Siege Turtle. Се работи за џиновска желка која се движи со помош на еден вид млазни мотори кои ѝ дозволуваат да лебди, со што се отвораат можности за побрзо хоризонтално, но и вертикално покривање на далечини. Siege Turtle е првото мултиплеер животно за јавање. Тоа значи дека го јаваат двајца играчи. Имено, еден играч управува со животното и ги користи jump jets за да се вивне во воздухот и силно да удри врз непријателите, додека другиот играч управува со Jade Tech топовите за да ги напаѓа непријателите од далеку, а може и да активира штит во ситуации кога бројката на непријателите е поголема.

Беше навистина забавно да се дизајнира животното и да се доведе во состојбата во која се наоѓа сега. Со PoF, Guild Wars 2 има фокус да пунуди уживање при движењето (joy of movement), а Siege Turtle, се надеваме, ги штиклира сите опции за таквото нешто

Возење брод и ловење риби

Кога сме кај интересно истражување и нови активности, тимот нѝ дозволи да се возиме и во skiff – мало бротче за истражување на водените површини со нашите пријатели. Skiff е уште едно мултиплеер возило кое може да смести до пет играчи. Возилото се управува од еден играч, додека останатите „патници“ можат да седат, да активираат најразлични emotes кои не само што изгледаа забавно туку и помагаат при регенерација на кондицијата, зголемување на брзината и многу повеќе. Кога ќе најдете интересно место, можете да го спуштите сидрото и да започнете со ловење риби.

Skiff има три брзини кои влијаат на начинот на кој се управува возилото. Возилото се отклучува на сличен начин како и животните за јавање во Path of Fire.

Но, дали може да се надградува преку системот со masteries?

Секако дека може! Не само skiff, туку и нашата Siege Turtle, а и риболовот! Но, сега за сега, не ви откриваме што се крие зад надградбите!

Риболовот е нова активност која има целосен фокус на социјална интеракција. Имено, можете да ловите риба во која било водена површина, не само на новите мапи туку и каде било низ основната игра и претходните две експанзии. Но, а ова е големо но, секоја област ќе се одликува со одредени риби кој ќе можете да фатите и доколку барате некоја одредена риба, потребно е да отидете во соодветната мапа.

Доколку ловите со пријатели, ќе можете да ја зголемите ефикасноста, со што само додатно се охрабруваат пријателите и членовите од гилдовите да се дружат почесто. А рибите кои ќе ги фатите можат да се користат за готвење нови рецепти. Најретките риби ќе ви помогнат за создавање и некои од новите легендарни оружја!

Какви ќе се новите легендарни оружја?

Мило нѝ е што прашавте! Отворете го inventory и дознајте самите!

Револуција во легендарните оружја

Во Guild Wars 2 има 16 видови оружја. До сега, имавме три серијали од легендарни оружја. Четвртиот серијал ќе биде поразличен. Имено, сите легендарни оружја до сега значително се разликуваат едно од друго и навистина беа крајно уникатни и не делеа заеднички црти. Можете да го замислите нашето изненадување кога го отворивме inventory и најдовме 16 легендарни оружја кои делуваа исклучително слични едно на друго, доста слично на koлекциите кои ги купуваме со Black Lion билетите. Почнавме да ги пробуваме оружјата и пријатно бевме изненадени од нивниот изглед, особено трагите кои се оставаа секојпат кога одевме со нив.

Сите 16 оружја се инспирирани од древниот змеј Оурин и иако се визуелно импресивни, не можевме, а да не бидеме разочарани од тоа што навистина беа слични едни со други и делеа едни исти визуелни ефекти, нешто што не нè премногу охрабрува за долга, голема временска и ценовна инвестиција.

Прашавме дали и овие легендарни оружја ќе се отклучуваат на ист начин како претходните и дали и за овие ќе ни треба неколку месечен грајнд и тони и тони ресурси?

Да, и овие легендарни оружја го имаат истиот неколку слоен урнек на отклучување и нема да можете лесно да ги отклучите! Ќе има серии и серии од предизвици и квестови. Но, по лансирањето на EoD експанзијата, секое легендарно оружје ќе може додатно да биде трансформирано и надградено за да изгледа како некој од останатите древни змејови.

Тоа значи дека, ако отклучиме легендарен меч, кој има визуелен изглед инспириран од Оурин, односно со кристални ефекти, подоцна ќе можеме на истиот тој меч да му го промениме изгледот и да биде леден или огнен, во стил на некој друг древен змеј! Ова навистина нѝ се допадна и иако немаме никаква претстава за тоа како би изледале таквите изгледи, нашата желба за работење на ново легендарно оружје одново се разгори.

Нови strike мисии и Guild Hall

Страјк мисии се доста предизвикувачки мисии за до 10 играчи, кои се како увод за рејдови. Иако тешки, мисиите се обично кратки и полни со интересни награди. Особено мило нѝ беше да откриеме дека тимот одново им се посветува на нив, а страјк мисијата која нѝ дозволија ние да ја провериме се вика Aetherblade Hideout. Поради ембаргото кое ни беше наметнато за оваа мисија не можеме ништо повеќе да кажеме, освен дека доколку уживавте во претходните страјк мисии и сте дамнешен играч, Aetherblade Hideout крие неверојатно изненадување! :)

По лансирање на експанзијата, сите страјк мисии ќе добијат уште еден предизвикувачки режим за играње, кој ќе крие значително повредни награди, ни ветија од Anet

Од друга страна, Guild Halls се социјални места каде членовите од одредена guild заедница можат да се собираат, да го украсуваат заедничкиот простор и да добијат пристап до ексклузивни продавачи.

Во End of Dragons ќе имате огромно водено место кое е одлично за возење бродчиња и ловење риби!

Нема да лажеме, местото навистина изледа преубаво и е едно од највпечатливите места за социјализација. Прашавме дали ќе се отклучува на исти начин како и претходните.

Да, за отклучување имате една мисија, но за разлика од останатите, оваа место е осмислено да може да се освои од помал број Guild членови. Се решивме за ваквата одлука затоа што сакавме и на помалите заедници да им пружиме можност да се вдомат тука.

Преостанатиот дел од турата беше резервиран за дополнителни прошетки, мисии, активности и механики, но ембаргото не спречува повеќе да ви откриеме, барем до 8 февруари! Откако подот беше отворен за прашања, прашавме дали беше поразлично да се работи на експанзија за време на пандемија.

– Секако дека беше поразлично, си работевме од дома! Шега на страна, најголемиот предизвик беше координацијата. Бевме поделени на помали тимови и секој тим знаеше што да работи, но сепак, исклучително нѝ недостасуваше можноста за физичка близина и договарање помеѓу четири ѕидови, во канцеларија. Но, некако успејавме и сме задоволни.

– Најголем предизвик за аудио тимот беше организирање и на актерите. Тие снимаа од дома, некој имаше sci-fi студио кое нè запрепасти сите, а некои нема, па моравме да молиме да се ставаат перничиња и различни работи за да извлечеме подобар звук. Сè на сè, беше навистина интересно.

Кој беше најголемиот предизвик при дизајнирање на End of Dragons?

Дефинитивно биомите! Тоа што решивме секоја мапа да подлега на различен биом беше нашиот најголем предизвик и навистина не беше лесно.

Поголемиот дел од активностите што ги видовме во експанзијата се замислени за заедничка работа, што е сосема подразбирливо, ова е сепак ММО, но што е со вашите соло играчи, ќе можат ли и тие да уживаат како осамени волци?

Секако, скоро сè во нашата експанзија може да се искуси соло! Никој нема да ве спречи сами да го јавате новото животно, сами да возите бродче или сами да истражувате. Но, за одредени работи, дали за подобар ефект или побрз резултат или повисока награда, потребна ви е група. Најдоброто е тоа што многу работи се органски и доколку видите некоја група како се мачи со бос или активност, инстантно можете да ѝ се приклучите!

Споредено со претходните експанзии, особено во поглед на приказната, механиките, и мапите, дали би кажале дека End of Dragons е слична или значително поамбициозна од нив? Дали би нашле исто толку содржини или значително повеќе?

Значително повеќе! End of Dragons е исклучително „робусна“ експанзија. Да, рубустна, ќе оставиме на вас да заклучите што мислиме со тоа.

А на вас оставаме да нѝ кажете дали ја играте Guild Wars 2 и дали сте возбудени за најновата експанзија? Пишете нѝ во коментарите или на социјалните мрежи!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk