Визуелниот роман Best Served Cold ни доаѓа од белгиското студио Rogueside и нуди уникатна перспектива каде „играме“ како шанкер кој истовремено е и детектив во срцето. Романот е сместен во алтернативна историја на Европа, во измислениот град Буковие, во проблематично време на прохибиција, општествени немири и мрачни тајни што се кријат зад секој агол.

Ноќно расположение
Приказната се одвива во местото The Nightcap. Додека градот се соочува со работнички штрајкови, рестрикции и општа неизвесност предизвикана од претстојна војна, барот служи како прибежиште за разновидна клиентела. Во оваа ситуација, вие ја преземате улогата на шанкер. Но, покрај сервирање различни пијалоци, принудени сте да соработувате со локален детектив за да решите низа убиства. Оваа присилна соработка е услов за опстанок на нелегалниот локал, но и одличен заплет за интересна приказна во која сретнувате најразлични харизматични лица со кои се впуштете во интересни разговори.

Oди ти, јас ќе те стигнам!
Главната механика на играта се состои од два клучни елементи: барменство и дедукција преку разговор. Играчите мора да мешаат и служат коктели на муштериите, што вклучува мини-игра за приготвување на пијалаците. Во сево ова, особено важно е да се одбере вистинскиот пијалак за вистинската личност. Знаете како се викa: Aлкохолот често ги разврзува јазиците и ги поттикнува луѓето да ги споделат своите тајни и грижи.
Разговорите со клиентите се сржта на детективскиот аспект. Во барот се собираат ликови од сите општествени слоеви: од елитата до подземјето, секој со своја приказна и потенцијален мотив. Вашата задача е внимателно да слушате, да поставувате прашања и да ги користите вашите социјални вештини – шарм, убедување или закана – за да извлечат информации. Честа ќе ја имате да услужите 22 уникатни индивидуи и да изградите комплексна мрежа на односи и потенцијални осомничени или сојузници. Одлуките кои ги динесувате во интеракција со овие ликови директно влијаат на текот на приказната и на тоа кој ќе ви помогне, а кој можеби ќе се обиде да ве предаде.

Наративната структура на играта е поделена на пет одделни случаи за убиства. Секој случај бара од вас да собирате траги, да ги испрашувате осомничените и да ги поврзете фактите за да ја откриете вистината. Успешното решавање на мистериите не само што ги спасува животите на потенцијални жртви, туку е и од витално значење за одржување на самиот бар. Многу знаење и талент е вложено во градење комплексни односи и сервирање напредвидливи заплети и уште подраматични расплети, впуштајќи ве во крајно уникатна авантура која нема да можете лесно да ја заборавите.
Визуелно, Best Served Cold се одликува со рачно нацртан уметнички стил кој веродостојно ја доловува атмосферата од таквиот период, барем според филмовите што ги имаме гледано на таа тема. Иако градот е во распаѓање и под сенка на конфликт, барот пулсира со живот, џез музика и надеж. Овој контраст помеѓу надворешниот хаос и внатрешната живост создава привлечна и уникатна амбиентална поставеност.

Best Served Cold е амбициозна детективска игра која ја комбинира интерактивната приказна со необична симулација на барменство. Фокусот на дијалогот и развојот на ликовите, заедно со атмосферата на прохибиција и мистерија, ја прави привлечна за љубителите на визуелни новели и детективски жанрови. Способноста да се изградат односи и да се донесуваат одлуки што имаат последици ветува длабоко и повторливо искуство.
- Платформи: PC (Steam), PlayStation 4, PlayStation 5, Xbox Series X|S, Nintendo Switch
- Развивач: Rogueside
- Издавач: Rogueside
- Жанр: Детективска мистерија, визуелна новела, интерактивна фикција, цимулација
- Датум на издавање: 5 мај 2025 (PC), подоцна и за конзоли







