Издавачката куќа ЕА не само што има интересни наслови за играње, туку и може да се пофали со исклучително дарежлива претплата каде, за 4 евра месечно, добивате пристап до 229 игри. Секој месец, листата од игрите станува сè подолга. Од неодамна, Anthem стана најновиот член и доколку сакате да ја проверите таа или некоја друга игра не мора да ги платите ни тие 4 евра.
Доколку за време на месецот октомври, овозможите двонасочна автентикација, или two-factor authentication, ќе добиете бесплатен месец од Origin Access.
Одлуката за двослојниот начин на автентикација е донесена баш овој месец затоа што е и месец на меѓународна свесност за компјутерска безбедност, односно National Cybersecurity Awareness Month.
Откако ќе влезете во вашиот ЕА акаунт, лоцирајте ја страната за безбедност и под Login Verification, кликнете на Turn On за да изберете како сакате да добивате код. Штом завршите со тоа, кодот ќе биде испратен, а потоа и искористен за да се наметне дополнителниот начин за верификација.
За бесплатниот месец, кој ќе биде доделен во ноември, ќе бидете известени. Оние кои веќе имаат некаква претплата, дали Оrigin Access Basic или поскапиот Origin Access Premier, ќе добијат гратис месец.
Оrigin Access Basic има многу поголеми предности од пристапот до над 200 игри. Имено, за време на претплатата добивате 10% дополнителен попуст низ целата продавница, како и ран пристап до нови игри (пробни верзии кои траат 10 часа).