Со години наназад, ЕА , Early Access, или ран пристап е одлична програма на Steam која им дозволува на заинтересираните играчи предвреме да ја поддржат играта, ем финансиски, ем со корисни повратни информации. BattleJuice Alchemist и Into the Emberlands се две игри кои максимално ги користат предностите на овој програм, но, доколку бројот на рецензиите е некаков показател, не се доволно познати на гејмерската популација.
Од една страна, ја имаме BattleJuice Alchemist – комплексна RPG која експериментира со RPG систем заснован на алхемија. Фокусирајќи се на изометрични битки или пак на еден-на-еден jrpg инспирирани игри, BattleJuice Alchemist ви дозволува да истражувате најразлични напуштени места кои се целосно преземени од природата.
За ефикасно справување со непријателите, ќе ја негувате вашата љубов кон ритуалната магија, ќе вршите најразлични надградби на кула, и ќе создавате и користите моќни пијалоци. BattleJuice Alchemist се одликува со мрачна приказна, мрачна атмосфера, и мрачни, деструктивни тактики.
Од друга страна, пак, штутуку излезената Into the Emberlands е сѐ што не е BattleJuice Alchemist. Играта на Tiny Roar е замислена целосно да ги отргне мрачните мисли и да ве релаксира така што ќе ве потопи во шаренолик свет со слатки гејмплеј механики.
Во Into the Emberlands ќе собирате ресурси и ќе го подобрувате селото на вашите луѓе. На располагање имате мал свет со бројни, но минијатурни авантури уредно поставени низ уникатните процедурално-генерирани локации.
Особено ни се допаѓа механиката каде користите фенер за да ја потиснете опресивната магла, со што се создава интересен психолошки ефект, особено начинот на кој е изведено барањето на изгубените селани и ризикот да бидете изгубени во маглата.
Од двете игри, BattleJuice Alchemist се одликува со значително повеќе механики, што е подразбирливо, со оглед на тоа дека играта е во раниот пристап веќе неколку месеци. Доколку не сте сигурни дали е ова RPG игра за вас, можете да го проверите бесплатното демо тука.
Into the Emberlands, меѓутоа, е значително „полесна“ во поглед на содржини, но тимот веќе работи на дополнителни ликови со кои можете да играте, како и екстра миленичиња за управување. Се работи и на бројни исправки на багови и соодветна оптимизација.