Шведска е една од најголемите поддржувачи на безготовинското плаќање. Сепак, системот за заштита кој го користат за трансакциите не е соодветен и корисниците се подложни на измама.
Од втората половина на 2020 година, до крајот на 2023, сумите кои измамниците ги украле од жртвите се зголемиле повеќе од двојно. На крајот на 2020 година оваа сума била 31,8 милиони евра. Во последните шест месеци на 2023 година достигнале 97,73 милиони евра. Агенциите за спроведување на законот проценуваат дека големината на шведската криминална економија може да изнесува дури 2,5% од бруто домашниот производ на земјата, вели Bloomberg.
Порастот на финансискиот криминал делумно е последица на цврстата решеност на Шведска да го прифати безготовинското плаќање. Секако сѐ уште има луѓе кои плаќаат со готовина, но најголем дел користат платежни картички. Во анкета направена во 2023 година само 10 отсто од испитаниците одговориле дека во последното плаќање во продавница искористиле готовина. Останатите испитаници користеле платежни картички, Apple Pay, Google Pay, Samsung Pay или шведски мобилен систем за плаќање. Она што е поинтересно е дека плаќањето во готовина во 2023 година имало мал пораст од 2 проценти. Претходната, 2022 година било само 8 проценти. Sveriges Riksbank сепак смета дека причина за порастот е војната во Украина. Поради војната дел од граѓаните ја повлекле својата заштеда од сметките.
Напуштање на готовината
Шведска започна да се префрла на безготовинско плаќање во деведесеттите години поради големиот број на вооружени грабежи. Сепак, ниту една од вооружените кражби не ја надмина кражбата во Västberga. Во кражба која повеќе припаѓа во „Grand Theft Auto“ отколку во реалностa, во 5 часот изутрина три вооружени маскирани напаѓачи во украден хеликоптер слетаа на кровот на зградата на британската компанија G4S. Напаѓачите го скршиле светларникот и се спуштиле во објектот. По само 15 минути од влегувањето напаѓачите избегале со над 5,5 милиони долари.
Благодарение на лажната бомба и препреки на патиштата полицијата не успеала да ги спречи напаѓачите пред повторно да избегаат со хеликоптерот. Иако седуммината учесници во кражбата беа осудени, најголем дел од парите никогаш не беа пронајдени. Ова беше нападот кој ја започна „безготовинската револуција“ во Шведска.
За зголемување на безбедноста и на популарноста на безготовинското плаќање неколку големи банки го развија електронскиот систем за идентификација – BankID. Сервисот во Шведска за првпат започна да се користи од 2001 година, а слични сервиси независни од шведските банки се користат и во Норвешка и Финска.
Над 94 проценти од корисниците на паметни телефони во Шведска го користат BankID и со тоа се најголем ваков сервис во земјата. Во 2022 година сервисот имал над 8,4 милиони активни корисници. Со шведскиот BankID управува конзорциум чии дел се и Swedbank AB, SEB AB и Svenska Handelsbanken AB.
Голем дел од рестораните, музеите, маркетите во Шведска немаат овозможено плаќање со готовина, па купувачите може да користат исклучиво платежни картички или мобилно банкарство.
Дури 98 од Швеѓаните користеле интернет, а 89 отсто купувале онлајн, вели статистиката на Eurostat за 2024.
Од 2017 година Riksbank започна со анализа за потребата од воведување на дигитална шведска валута E-krona. Анализата е завршена, а воведувањето на дигиталната валута ќе биде проценка и политичка одлука.
Безбедносното плаќање не треба да биде рутина
BankID е своевиден дигитален потпис и штом корисникот „потпише“ трансакциите веднаш се извршуваат. Идејата зад креирањето на системот била да биде едноставен за користење и брз, а електронските трансакции да бидат подеднакво брзи како и паричните.
За жал користењето на BankID на Швеѓаните им е своевидна рутина. Во просек секој Швеѓанец барем два пати во денот го користи системот. Денес BankID се користи за сѐ, од поднесување на барања за поврат на данок, до купување на билети за автобус.
Оваа честа употреба за сѐ и сешто ги прави корисниците поневнимателни и речиси без никаква дополнителна проверка ги користат BankID за одобрување на трансакциите. За потврда на трансакциите е потребно внесување на шестцифрен пин, скенирање на лицето или отпечаток од прст.
За жал, преголемата распространетост придонесува корисниците да не гледаат на BankID како на дополнителна мерка за безбедност, туку како уште еден чекор кој треба рутински да го завршат. Поради намалената внимателност ги одобруваат трансакциите без дополнителна проверка.
Ова е добредојдено за измамниците кои откриваат нови начини како да ги измамат Швеѓаните. Некои дури купуваат производи од корисниците и потоа праќаат пораки дека се потребни дополнителни верификации за трансакциите заедно со линкови кои го активираат BankID. Штом невнимателната жртва издаде потврда, сметката ќе ѝ биде испразнета.
Она што измамниците го прават исклучително добро е да ги убедат корисниците дека потребата од BankID е легитимна.
Но луѓето не се единствени жртви на измамата. Благодарение на тоа што и владините агенции го користат BankID, измамниците може да креираат компании со платни списоци. Овие исплати се користат за перење на пари, па измамниците можат да користат пари кои ги заработиле со криминал, во алатки за побарување на заеми од банки вели Bloomberg.
„Ова значи дека можете да генерирате профит од криминал и на крај да добиете државна пензија врз основа на тој приход“, вели Даниел Ларсон, шведски обвинител.
Поголема безбедност и одговорност од банките
За подобрување на безбедноста, трансакциите може да бидат побавни, но побезбедни, со задолжителни дополнителни мерки за автентикација. Некои дополнителни мерки за безбедност се веќе и имплементирани, но не се задолжителни. Така, корисниците може да си додадат дополнителна автентикација или да овозможат одлагање на исплатите.
Една од мерките кои ќе ја зголемат довербата кај корисниците е зголемување на одговорноста која банките ја имаат во случај на финансиски измами. Шведските банки во случаите ретко им ги враќаат парите на жртвите. Само 10 отсто од украдените средства им биле вратени на жртвите. Дел од шведските финансиски надзорни органи побараа носење на закон кој ќе ги задолжи банките во целост да ги вратат средствата кои се украдени од жртвите на измама.