Battle Shapers не е вашата карактеристична FPS игра и ќе проба да ве освои со брза акција уредно стакувана во задоволителни a la DOOM Eternal ликвидации и графички дизајн и стил кој ќе им се допадне на Overwatch ентузијастите. Како игра која е дел од раниот пристап на Steam, на Battle Shapers допрва ќе се работи, но од она што го видовме играта не само што е одлично оптимизирана, туку и може да понуди бројни содржини за квалитетна забава во мали дози.
Играјќи со Ејда, вашата задача е да се издигнете над угнетувачките господари и нивната легија од роботи. За таа цел, користите арсенал од футуристички оружја, способности, но и моќи. Со оглед на тоа дека се е заснована на случаен избор, секој ран е различен од претходниот и се создаваат можности за уникатни пресметки за еден играч. Додадете на ова и одлична рок музика и се чини како да имате експлозивен коктел од брза, генерична акција на која често ќе и се навраќате!

Ејда е доста снаодлива девојка и во десната рака може да држи најразлични оружја, а со левата да ги удира непријателите. Во ситуација кога ќе оштетите одреден непријател значително, Ејда може да се приближи и да го ликвидира на сличен начин како во Doom Eternal. Велиме на сличен начин, но, иако се работи за интересен начин за задоволителна ликвидација, фалат анимации кои можат да го направат целото искуство поспектакуларно. Battle Shapers воопшто не е лесна игра, а со оглед на тоа дека нема можности за регенерација на здравјето за време на рановите, потребно е да сте екстра внимателни, особено кога ќе наидете на босовите. Нема да лажеме, интересни се, но страшно тешки!

Забавата е загарантирана не само поради стегнатите движења и одлично чувство со оружјата и ликвидициите, туку и поради одличниот систем за напредување и бројни награди кои ви дозволуваат и вие да поставувате замки или да активирате деструктивни моќи. Згора на тоа, секој ран ви дозволува да осмислувате поразлични стратегии во поглед на отклучување нови оружја, способности и талентите. Талентите се корисна механика за трајно зголемување на вашите можности. Иако се од статистички карактер, значително може да помогнат да издржите се повеќе и повеќе со секој нареден ран.


Покрај одлични анимации, Battle Shapers има шаренолик визуелен стил и феноменална музичка подлога кое одлично го доловува севкупниот впечаток, до тој степен да често се наоѓавме како паузираме само за да уживаме во музиката. За поголема имерзивност, помага и тоа што секоја од мапите кои ги истражувате се како посебни уникатни светови кои се разликуваат едни од други. Финалната верзија ќе воведе уште две дополнителни мапи. До тогаш, она што го има е повеќе од одлично!




Повеќе детали за играта
- Произведува: Metric Empire
- Издава: Metric Empire
- Жанр: Action FPS, roguelite
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 3 октомври 2023