0 коментари 3 мин. читање

Back Then е игра која ве води низ впечатливо и емоционално патување

Како што и напишавме во нашето интервју со Кејлеб Мота, Back then е игра која раскажува емоционална приказна поврзана со ултимативниот страв – заборавот. Играјќи со Томас Елијан, постар писател кој е дијагностициран со Алцхајмерова болест, играчот од прва рака го добива одговорот на прашањето: Што се случува со нас кога ќе заборавиме кои сме?

Со голем фокус на интеракции низ околината, загатки и детективско истражување, развојното студио Octopus Embrace ве вовлекува во трошлив свет кој е на работ на распаѓање. Со длабоки, но болни монолози, внимателно осмислени локации за раскажување и загатки кои одлично се вклопуваат во секојдневните напори на Томас, Back Then се истакнува како одлична авантура која, од неодамна, стана достапна и за конзолата на Sony.

Заборавена самотија

Иако играта е излезена на Steam скоро цела година, некако ни се провлече под радарот и не успејавме да ја провериме на времето. За PS5 верзијата ситуацијата е значително поразлична. На конзолата на Sony, Back Then преде како мало маченце и е вистински празник за очи. Без никакво намалување на фрејмовите, играта нуди флуидни можности за искусување на емоционалната приказна поврзана со Томас. И тоа каква само приказна е!

Не би било грешка да се каже дека Back Then е како еден вид понапреден Walking Simulator. Заробени во умот на Томас Елиан, имате за задача да ги сведочите бројните вознемирувачки проблеми кои се директен резултат на Алцхајмеровата болест. Со целосен фокус кон истражување во прво лице, играчот има за задача да стапува во интеракција со она што го гледа во него, да ги впива внатрешните разговори на Томас и да се соочува со битките кои го растрзаат од внатре кон надвор.

Back Then нема да ве импресионира со значајни механики, но, од време-на-време, знае пријатно да ве изненади со одредени загатки кои не ја продолжуваат приказната се додека не се решат. Во случај да не сте преголеми фанови на загатки, би ви било мило да чуете дека нема ништо премногу комплицирано во нив и, со малку логика и експериментирање, лесно ќе ја пронајдете добитната комбинација.

Покрај приказната, втората најсилна точка во Back Then е визуелната презентација, односно Silent Hill моментите на претопување и мешање реалното со нереалното, гледање работи што не се тука и слушање ехо од она што некогаш било кажано. Ова е исклучително добро искомбинирано, пружајќи бројни морничави моменти кои на крајно езив начин ја истакнуваат суровата природа на оваа свирепа болест.

Како постар човек кој е врзан во колица, доста сте ограничени во поглед на движењето. Но, како напредувате низ играта, така се отвораат можности за да дознаете многу повеќе не само за Томас туку и за неговото семејство. Одредени секвенци нудат значително надреално искуство, втурнувајќи ве во најдлабоките понори на умот на Томас. Сево ова не би било ни приближно добро без карактеристичната топлина на актерот кој го позајмува гласот. Благодарение на квалитетните способности на актерот, Томас станува целосно изграден и веродостоен лик кој лесно ќе ви се провлече под кожа.

Секоја нова тајна го пополочува патот кон отворање на некоја наредна соба, цел, загатка или годишно доба. Имено, приказната во Back Then е уредно поделена во четири клучни поглавја, односно четири годишни времиња. Секое годишно време има значајна приказна да раскаже и да ја зајакне димензијата во која се наоѓа Томас. Во градење на впечатлива атмосфера, помага и прекрасната музичка подлога која е исполнета со меланхолични мелодии.

Незаборавно патување

Во случај да барате комплексна и невообичаена приказна која долго ќе ја паметите, чедото на развојното студио Octopus Embrace е одличен избор. Преку лична и емоционална приказна полна со трогателни моменти, Back Then е патување кое реалистично ги прикажува проблемите поврзани со оваа свирепа болест.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Octopus Embrace
  • ИздаваOctopus Embrace
  • Жанр: авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, PS5
  • Излезе на: 8 декември 2023
Напишано од

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Коментари

Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.

Најави се и отвори тема

Напишаното ќе остане зачувано во овој прелистувач.

Мени
Заедница
Изглед
To top