Нема никакво сомневање дека најновата игра на Funtomata – Asfalia: Fear – е замислена да се игра од помладата публика. Од ликовите, преку локациите, па сѐ до глумата и механиките, Asfalia: Fear е игра која се труди да разбуди во играчот пријатно чувство на припаѓање, учејќи ги децата како правилно да се справуваат со емоциите. Развојното студио претходно се прослави со првата игра, насловена Asfalia: Anger. Играта излезе пред година дена и моментно има 94% позитивни рецензии.
Asfalia: Fear е игра која треба да излезе на 14 јануари. Има време. Но, во меѓувреме, без проблем ќе можете да го проверите најновото демо за играта и да заклучите дали е оваа point and click авантура за вас.
Многу работи ќе им се допадната на помладите играчи во Asfalia: Fear. Прво и најважно, Asfalia: Fear не е вашата стандардна point and click авантура. Со цел да се понуди поедноставно и попријатно искуство кое не се сведува на здодевното ловење пиксели, клучните механики кои се прпознатливи за овој жанр или се поедноставени или пак се целосно исфрлени. Како резултат добивате пофлуидно искуство каде на интуитивен начин заклучувате каде да одите и што да кликнете.
Покрај ова, за пофалба е дизајнот на местата и шареноликата уметничка техника за боење на цртежите. Дополнително, бројните ликови не само што се одлично анимирани, туку и се веродостојно одглумени од професионални актери, нормално, со одредена доза претерување, како би се подобро привлекло вниманието на децата.
Во потрагата да ги пронајдете вашите четири кучиња, ќе навлезете во огромен свет и ќе се спријателите со најразлични, крајно невообичаени ликови, собирајќи, притоа, најразлични стикери, но и играјќи мини игри.
Нормално, сржтта на Asfalia: Fear е истражување на светот, водење разговори и, секако, решавање загатки. Загатките не се премногу предизвикувачки, но се паметно осмислени и забавно е да се експериментира се додека не се дојде до посакуваното решение, особено додека ги следите слатките анимации и коментари.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Funtomata
- Издава: Funtomata
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Ќе излезе на: 14 јануари 2025