Европската комисија го извести Apple дека ограничувањето на пристап до технологијата која се користи за бесконтактно плаќање е во спротивност со Законот за заштита на конкуренцијата. Истрагата покажала дека Apple можеби ја злоупотребува својата доминантна позиција за да се стекне со предност пред конкурентните iOS мобилни новчаници.
Компанијата го ограничува пристапот до NFC технологијата која е потребна за развој на „tap-and-go“ плаќањето. Ова не е во согласност со законите за заштита на конкуренцијата во Европа.
„Мобилното плаќање има се поголема улога во дигиталната економија. За интеграцијата на европскиот пазар за плаќање, важно е потрошувачите да имаат придобивка од конкуренцијата и иновативноста на технологијата за плаќање. Имаме индикации дека Apple го ограничува пристапот на трети страни до клучната технологија неопходна за развој на конкурентни решенија за мобилниот паричник на уредите на Apple. Во нашиот приговор, откриваме дека Apple можеби ја ограничил конкуренцијата, во корист на сопственото решение Apple Pay. Доколку се потврди, таквото однесување би било нелегално според нашите правила за конкуренција“, вели европскиот комесар, Маргрете Вестагер.
Apple Pay
Apple Pay е дигитален мобилен новчаник достапен за корисниците на iOS. Сопствениците на iPhone и iPad може да ги користат своите дигитални уреди за бесконтактно плаќање во физички продавници. За да биде овозможен развој на мобилни новчаници, девелоперите мора да имаат пристап до потребниот хардвер и софтвер (NFC input). Ова овозможува едноставна комуникација на телефонот со терминалите за плаќање во продавниците. Сепак пристап до сензорот има исклучиво Apple Pay. Со оваа пракса компанијата го заштитува своето плаќање од конкуренција.
Прелиминарен став на Комисијата е дека со тоа што го резервира пристапот до NFC технологијата на Apple Pay, Apple ја ограничува конкуренцијата на пазарот за мобилни паричници на оперативниот систем iOS. Ова има исклучувачки ефект врз конкуренцијата, и води до намалување на иновацијата и помал избор за потрошувачите кај мобилни паричници на iPhone. Доколку се потврди, ова однесување би го прекршило членот 102 од Договорот за функционирање во Европската унија. Членот 102 ја забранува злоупотребата на доминантна позиција на пазарот.
Ова е почеток на истрагата на Европската комисија и Apple ќе има време да одговори на наодите. Доколку биде виновен Apple може да добие максимална казна во висина од 10% од глобалните приходи. Во нивниот случај тоа се 36 милијарди долари. Европската комисија веќе има отворена истрага за плаќањето на App Store. Истрагата е отворена откако Spotify ја изнесе својата жалба пред 2 години и се однесува на високата провизија на плаќањето во App Store.