Apple потврди дека го купува PrimeSense, израелски стартап кој развива 3Д сензори за препознавање на движења, за околу 360 милиони долари. Но, Apple не откри за што ќе ја користи технологијата на PrimeSense, велејќи дека „Apple од време на време купува помали технолошки компании и во пракса не дискутираме за нашите идни планови“. Ниту стартапот не сакаше да зборува за идните планови.
PrimeSense изработува технологија, за како што тие опишуваат, „можност да се гледа сцена во три димензии“, да се препознаат движењата и да се синхронизираат сликите „како што го прави тоа човекот“. Технологијата ги користи направените слики за да ги препознае движењата, да ги препознае 3Д објектите и да ги лоцира ѕидовите и подот. Иако стартап, PrimeSense е познат по работата на сензорите на раниот Kinect, гејминг контролерот на Microsoft, иако сега Microsoft користи своја технологија. Знаејќи дека компанијата има искуство со Kinect, шпекулациите се дека Apple ќе ги искористи сензорите за својата Apple TV. Но, наспроти тој проект, сензорите на PrimeSense се приспособени и за помали уреди, односно за паметни телефони, што може да значи дека ќе се додадат во новите iPhone-и во кои Apple додава нови алатки, како сензорот за отклучување со отисок на прст на новиот iPhone 5S. Можно е сензорите на PrimeSense да се искористат и за паметните часовници на Apple.
Коментари
Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.