Apple работи на модел за претплата кој на корисниците би им овозможил наместо да купат телефон, да се претплатат на iPhone. Компанијата наскоро за месечен надомест би можела да започне да ги доставува следните генерации на своите телефони. Ова на Apple ќе му овозможи да продава повеќе телефони и да заработи повеќе.
За купувачите ова ќе биде своевидно купување на телефонот на рати, па наместо наеднаш, сумата ќе ја плаќаат низ подолг период. Сепак цената на претплатата нема да биде сумата која корисникот ја плаќа за телефонот поделена на 12 или 24 месеци. Она што е извесно е дека целата претплата ќе биде поврзана со Apple ID профилот на корисникот. Процесот би требало да биде сличен на плаќање на месечна претплата за апликација, вели извор на Bloomberg.
Претплатата треба да го олесни привлекувањето на нови корисници кои наместо да дадат повеќе од 1000 долари наеднаш, ќе можат оваа сума да ја платат низ подолг период. Ова би можело и да помогне за продавање на повеќе поскапи модели на iPhone.
Apple има неколку претплати кои веќе им се достапни на корисниците, но во нив нема хардвер. На пример AppleOne доаѓа како пакет од повеќе услуги, кои компанијата ги нуди заедно. Со претплата корисникот има пристап до Apple Music, Apple TV+ , Apple Arcade и iCloud. AppleCare+ е друга услуга која корисникот може да ја искористи. Зa 35 долари годишно или 100 долари за 3 години, претплатникот ја продолжува гаранцијата и техничката поддршка. Со оваа претплата доаѓаат и две поправки по намалена цена на секои 12 месеци.
Како точно би функционирала претплатата засега е нејасно. Речиси е неверојатно дека ќе постои месечна претплата, па корисникот да може да се претплати на iPhone еден месец. Интересна е констатацијата на Verge дека сепак можеби станува обид на Apple да ги отстрани посредниците. На пример, iPhone Upgrade Program кој е достапен во моментов е своевиден 24-месечен план со кој претплатниците можат да го заменат својот телефон. На секои 12 платени рати, корисникот може да го замени својот iPhone со нов уред. За ова корисникот всушност зема заем од Citizen One, кој потоа без камати го исплаќа во текот на следните 24 месеци. Наместо тоа, во иднина, корисникот би можел да се претплати на Apple и да ги купи телефоните на рати без посредници. Ако се покаже како успешен, планот би можел да се искористи и за другите производи како iPad, Mac Studio и слично.
Иако планот и начинот на претплата се во рана фаза, се чини дека целиот модел би можел да биде достапен порано отколку што изгледа. Ако сè оди според плановите, претплатата ќе стигне кон крајот на оваа година, или најдоцна во 2023. Секако, ако Apple не пронајде модел кој ќе им се допадне, целиот план за претплата може воопшто да не се реализира.