Батеријата е еден од поголеми проблеми со кои се соочуваат денешните паметни телефони. Нашата желба за поголема моќ, екрани, тенок дизајн и 24/7 поврзаност не е компатибилна со техничките можности на батериите кои, според секој корисник, мора да работат повеќе. Иако постојат начини за зачувување на енергијата, сепак, најдобро е да знаете што се случува во вашиот уред и како да ја менаџирате батеријата до максимум. За тоа ќе ви помогне Android апликацијата Battery Widget Reborn која ја следи активноста на вашиот мобилен и животот на батеријата.
Апликацијата е поделена на неколку делови кои ги покриваат информациите за батеријата, историјата на батеријата, известувања и поставувања. Со пристапување до информациите за батеријата можете да видите уште колку проценти има останато и за колку време ќе се истроши. Секако, доколку активно го користите мобилниот во период после тоа, нормално е и побрзо да се истроши батеријата. Историјата на батеријата прикажува граф на кој може да се види каков бил статус на вашата батерија низ временски интервали, како и просечно времетраење на батеријата откако целосно ќе се наполни. Додека пак од менито за известувања можете да поставите кога и какви известувања сакате да добивате.
Екранот за поставувања ви нуди да вклучите модот за зачувување на батеријата и хардвер кој сакате автоматски да се исклучи кога е вклучен тој режим на работа. Апликацијата нуди и можност за вклучување во ноќен режим на работа во кој автоматски се исклучуваат работите како Wi-Fi, Bluetooth и сите нотификации во позадина. BWR содржи и виџет кој можете да си го поставите на почетниот или на некој од другите екрани.
Battery Widget Reborn нема да ја подобри моќта на вашата батерија, но ќе ви даде точно под кои услови најмногу се троши батеријата и како можете да заштедите. Апликацијата е бесплатна и можете да ја преземете од Google Play.
[youtube]FoQ0FDrB-sg[/youtube]