Регионалната платформа за е-трговија основана во Косово, Gjirafa доби инвестиција од 5 милиони американски долари. Инвестицијата доаѓа од американскиот државен инвестициски фонд DFC. Оваа инвестиција е дел од претстојниот Series C инвестициски циклус, и е насочена кон проширување на услугите на платформата.
Иако Gjirafa е препознатлива по продавницата, станува збор за многу поголема технолошка компанија. Gjirafa е основана во 2011 година од Мергим Цахани. Нуди различни дигитални услуги на албански јазик. Нејзината основна платформа, Gjirafa.com, е првиот и најнапреден пребарувач на албански јазик, кој им овозможува на корисниците да пронајдат информации од целиот интернет на албански.
Покрај пребарувачот, Gjirafa нуди услуги како што се GjirafaVideo, платформа за видео стриминг која обезбедува содржини на албански јазик, и Gjirafa50, онлајн продавница која е меѓу најголемите во регионот за купување технолошки производи. Компанијата, исто така, е активна во секторот на патувања преку GjirafaTravel, кој овозможува пребарување и резервација на автобуски билети и патнички аранжмани во Косово, Македонија, Албанија и Црна Гора.
Со овие услуги, Gjirafa има за цел да го унапреди интернет екосистемот во регионот, нудејќи локализирани и прилагодени дигитални решенија за корисниците.
Gjirafa: Платформа достапна и во Македонија
Во Македонија брендот Gjirafa е најпрепознатлив по платформата за е-трговија Gjirafa50. Производите кои ги продава Gjirafa се достапни и за купувачите во Македонија. Gjirafa50 е една од познатите платформи за купување електронски уреди и хардвер. Колку новата инвестиција може да донесе проширени услуги и дополнителни можности за корисниците во Македонија, ќе видиме во иднина.
Инвестиција за економски развој
Директорот за развој на DFC, Лари Сакс истакна дека партнерството помеѓу DFC е историско. Додавајќи дека ова е прва инвестиција од овој вид во Косово. „Со поддршката од DFC, Gjirafa ќе може да ги прошири своите услуги низ Балканот, подобрувајќи ја е-трговијата и медиумските услуги,“ рече тој.
Инвестицијата е одлична можност за платформата, но и за Косово да се интегрираат во светската економија, смета амбасадорката Ерин Елизабет Меки. Инвестицијата треба да им помогне и на претприемачите од Косово и регионот за освојување на регионалните пазари.
„Со проширувањето на Gjirafa на Балканот, овие бизниси нема да бидат сами. Ќе имаат можност да бидат дел од поголема платформа која веќе има верни корисници. Ова ќе им овозможи да се прошират од локална продажба на регионалниот и меѓународниот пазар.“, вели амбасадорката Меки.
Планови за иднината
Основачот и извршен директор на Gjirafa, Мергим Цахани, изјави дека инвестицијата ќе помогне во воведување на нови бизниси на платформата, отворање на работни места и олеснување на прекуграничната трговија. „Ова е значаен чекор кон подобра иднина за регионот,“ додаде тој.