Без премногу детали, и без целосни податоци, но AMD немаше проблем да ги најави следните X3D процесори. Она што е поинтересно е дека процесорот излегува на 7 ноември, а немаме никакви детали, ниту за цената, ниту за перформансите. Сепак, најавата на AMD е таман на време да го расипе лансирањето на новиот Core Ultra 200 процесор од Intel. Лансирањето на Intel е закажано за 24 октомври, а AMD излезе со овие вести таман пред Intel да го објави својот процесор.
Од она што го знаеме е дека има голем интерес за новиот 9800X3D. Според шпекулациите, тој треба да биде првиот чип од оваа нова генерација. Неофицијалните податоци велат дека чипот доаѓа со осум јадра и работна фреквенција од 4.7GHz. Максималниот „boost“ би можел да биде и над 5.2GHz.
Иако до излегувањето на новиот процесор има едвај две недели барем засега има многу повеќе податоци кои не се познати отколку оние кои ги знаеме. AMD досега не објавил ниту колку процесори ќе има во новата X3D серија. За споредба, минатата генерација имаше три X3D процесори во серијата.
Дел од податоците кои „протекоа“ од MSI сугерираат, дека серијата 9000X3D треба значително да ги надмине претходните X3D модели. Ryzen 7000X3D досега беше на врвот на процесори, кога станува збор за гејминг, но не и за продуктивност или за стандардните оптоварувања кои се јавуваат кај креаторите. Доколку непотврдените информации се точни, овие чипови би можеле да имаат слични перформанси како Ryzen 9000 чиповите. Со ова 9000X3D би бил чип за универзална примена.
Ако се израдувавте на потенцијалот за гејминг ќе мора да ве разочараме. Неофицијалните податоци велат дека новиот процесор не нуди спектакуларен скок кај гејминг перформансите во споредба со серијата 7000X3D. Сепак за AMD е клучно да ги надмине чиповите на конкуренцијата. За жал се чини дека за тоа нема да треба да се трудат премногу. Според актуелните признанија на Intel, нивниот Core Ultra 200S ќе заостанува околу 5% зад сегашниот 7800X3D на AMD кога станува збор за гејминг перформанси. За купувачите кои се заинтересирани за врвни гејминг перформанси, практично нема причина да излезат од екосистемот на AMD. Ова можеби и не треба да биде изненадување. Со Core Ultra 200S серијата, Intel е фокусиран на вештачката интелигенција. Процесорот на Intel е значително поштедлив и нуди поддршка за функционалности овозможени од вештачка интелигенција, но врвните гејминг перформанси, барем во овој момент не се во фокус на Intel.
Секако за вистинска споредба на перформансите ќе мора да почекаме до официјалното излегување на процесорите. Дури тогаш ќе може да видиме како навистина функционираат двата процесори со реални оптоварувања.
Неофицијално неколку продавници кои го додадоа Ryzen 7 9800X3D ставија цена од околу 500 долари. Оваа цена веројатно е далеку од официјалната, но додавањето на процесорите во продавниците покажува дека нема да треба многу да чекаме пред да започне продажбата, вели Tom’s Hardware.
Дополнителен удар за Intel е најавата и почетокот на празничната промоција на AMD за најнови процесори од серијата Ryzen 9000. Производителот најави до 50 долари попуст за Ryzen 9 9950X и до 30 долари за Ryzen 9 9900X, Ryzen 7 9700X и Ryzen 5 9600X.







