ChatGPT оваа недела го слави својот прв роденден, а како подарок, доби повеќе конкуренција! На 30 ноември пред точно една година OpenAI го пушти ChatGPT, во речиси истиот период оваа година Amazon ги најави Amazon Q и Titan Image Generator.
Ова секако не е прва вештачка интелигенција конкурент на ChatGPT и Dall-E, но за дел од корисниците ќе биде супер интересна.
Amazon Q
Amazon Q е одговор на ChatGPT. За дел од девелоперите кои го користат AWS, Q ќе биде и поинтересен од ChatGPT. Тука се вклучени програмери, но и ИТ администратори и бизнис аналитичари. Главна причина за ова секако е бидејќи ќе помага да се напише код и да одговора на прашања како да се користи AWS за администратори, но и генерирање на бизнис извештаи преку QuickSight. Ова може да се прави и на други платформи, но ниту една ја нема експертизата за AWS која ја има Amazon. Компанијата има седумнаесетгодишно искуство во развој за AWS кое го искористи за тренинг на Q.
Корисниците на Amazon Connect ќе можат да го користат Q директно како помош во комуникацијата со клиентите. Connect е платформа за поддршка за корисници на Amazon. Q ќе овозможи анализа на прашањата на корисниците и предлог на одговори, но и препораки за акции или линкови. По завршување на разговорот, Q ќе генерира сумарен текст за повикот кој ќе може да го прегледаат супервизорите.
Ова секако е еден помал дел на можностите кои ги нуди Amazon Q, а повеќе податоци за нивната вештачка интелигенција ќе добиеме во динина.
Titan Image Generator
Amazon Q е само еден дел од вештачката интелигенција која ја претстави Amazon на re:Invent. Веројатно подеднакво интересна е и Titan Image Generator. Користењето на Titan Image Generator ќе овозможи креирање на реалистични слики со студиски квалитет, велат од Amazon.
Генерирањето е стандардно, корисникот внесува фрази од она што сака да биде генерирано и добива слика. Titan не е апликација туку платформа на која девелоперите ќе можат да развиваат решение. Предноста е што Amazon тврди дека има имплементирано заштита од токсичност и пристрасност, пренесе Verge.
Корисниците покрај генерирањето на слики ќе можат да го користат за брза и едноставна замена на позадина. На претставувањето Amazon сподели како изгледа генерирањето на слика преку промпт „портокалова игуана свртена кон десно во прашума“.

Со оглед на тоа дека Amazon вели дека нивната вештачка интелигенција генерира речиси реални слики мораа да креираат некоја заштита од користење на генерираните слики за споделување на дезинформации. Решението го пронајдоа во додавање на „Watermark“ на генерираните слики кој нема да биде ограничен единствено на метаподатоците. Засега нема податоци за тоа кои алатки ќе можат да откријат дека сликата е генерирана од вештачка интелигенција.
Amazon ќе обезбеди и правна заштита за корисниците на било која вештачка интелигенција креирана од Amazon.